АПИС: Доколку не ги прифатат нашите предупредувања и укажувања за Законот за игри на среќа ќе следи серија масовни протести

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) заедно со Асоцијацата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) на заеднички протест пред Собранието. Тие бараат да присуствуваат на Комисијата за европски прашања каде се разгледуваат измените на Законот за игри на среќа, кои според двете асоцијации се противуставни и скандалозни.

-За разлика од пред 20 дена, денес ја блокираме сообраќајницата како последно предупредување до пратениците дека не смеат и понатаму да не игнорираат. Доколку не ги прифатат нашите аргументирани предупредувања и укажувања ќе следи серија масовни протести и други демократски форми за изразување незадоволство. Едноставно, една крајност по автоматизам создава друга крајност! Ако пратениците навистина се убедени дека овие измени се ЗА заштита на младината, а не како што ние тврдиме, ЗА затворање на легалните објектизаради исполнување нечии бизнис апетити, тогаш нема ниту една причинада бегаат од соочување со нас, рече претставникот на АПИС, Горан Стоименов.

Според него, пратениците знаат дека аргументите се на страната на двете асоцијации.

-Потценување на интелигенцијата е да се тврди дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е заради заштита на младината, кога во исто време државата овозможува преку интернет, игрите на среќада станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред.Преку онлајн игрите на среќа доволно е од дома некој да се вклучи на платформа и да игра. Ние сме убедени дека сите пратеници, без разлика на нивната партиска припадност, многу добро знаат дека аргументите се на наша страна.  Евентуалното усвојување на измените во ваква верзија, ќе ја врати Македонија во 1990 кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, диви играчници по подруми во секое маало, државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината навистина ќе биде загрозена, вели Стоименов.

Претставникот од АПИС вели дека носењето на измените во Законот ќе имаат милионски последици.

-Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Државниот Буџет ќе изгуби 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024.  Клучната дилема е кој ќе понесе одговорност што заради предизборен популизам ќе се нанесат штети со далекусежни последици, кои ќе биде многу тешко да се санираат. Уверени сме дека како најголем приватен работодавач, претставници на инвестиции од земји членки на ЕУ, општествено одговорни компании кои во континуитет градат партнерски однос со заедницата, имаме основано право да очекуваме нашиот глас да биде слушнат и преку една конструктивна дебата да најдеме вистински применливи законски решенија. Апелираме до пратениците добро да размислат што гласаат. Илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат своите родни огништа и си ја бараат среќата во туѓина. Не смееме да дозволиме најмалку 35 илјади луѓе да станат нови кандидати за иселеници во западните земји, вели Стоименов.

10.01.2024 - 13:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега