Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, клиент била Општината

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, објави дека службите на Градот детектирале еколошка катастрофа на парцела од 4.000 квадратни метри приватен имот и 5.000 квадратни метри имот на Македонија, во близина на реката Лепенец, на само неколку стотини метри од новата прочестителна станица што ја гради Ѓорче Петров, а е финансирана од ЕУ.

Приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија што е под истраги за други дела, како и на лице вработено во Општина Ѓорче Петров во секторот финансии, а од неодамна е избран и за член на раководството на Синдикат на вработените во Општината, рече Арсовска.

Како што објави, одговорните по дојава биле фатени на самото место додека вршеле екоцид, спречени се во вршење нелегални активности, прибрани се докази, а состојбата е фотографирана. Дополнително, случајот е пријавен во МВР, а на самото место излегла и полицијата.

„Нема да дозволиме никој свесно и за профит да ги труе скопјани. Констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица, кои не само што предизвикале екокатастрофа со истурање отпад во заштитната зона на реката Лепенец туку и се осомничени за финансиски криминал. Прашањето е дали најголем клиент на овие лица, кои вршеле екоцид, е Општината Ѓорче Петров. Во документацијата во која се водела илегална евиденција може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица од кои се наплаќало од 1.000 до 1.200 денари, најчест клиент што депонирал опасен отпад е Општината. На оваа локација од истата илегална евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила на ден истурале токсичен и канцероген отпад“, рече Арсовска додавајќи дека ова се случувало во изминатите две години.

Општината, како штo додаде градоначалничката, немала склучено договор со ЈП „Дрисла“ за одлагање комунален и општински отпад.

Арсовска случајот го оцени како скандалозен и криминален. Им се заблагодари на екипите на МВР за брзата реакција, но и за интересот, како што рече, да се стави крај на ваквиот тип на криминал.

Аросовска апелира што побргу да се процесира случајот, а најави и посебна кривична пријава за градоначалникот на општината Ѓорче Петров. Го повика да си поднесе морална одговорност и одговорност од функцијата градоначалник.

18.01.2024 - 12:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега