Атанасов, Живковиќ и Димитриевски: Кандидатурите за ректор ги ставивме во мирување, не се повлекуваме и не бојкотираме
Тројцата кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски, кои вчера соопштија дека нема да учествуваат во денешните избори за ректор, во допис до медиумите укажуваат дека не се повлекуваат од натпреварот и не бојкотираат, туку своите кандидатури вчера ги ставиле во мирување.
– Во текот на вчерашниот и денешниот ден од страна на формални и неформални структури на УКИМ се шират лаги дека се повлекуваме од натпреварот за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Лага е дека ние тројцата кандидати професорите што вчера ги ставивме нашите кандитатури во мирување, се повлекуваме и го бојкотираме изборот. Ние вчера јасно и гласно кажавме дека нашите кандидатури ги ставаме во мирување согласно со извештаите и препораките на ДКСК и ДПИ, наведуваат тројцата кандидати за ректор.
Во дописот до медиумите го повторуваат нивниот став дека „овие избори за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски“ и дека – „во овој момент Универзитетската изборна комисија не работи во согласност со Законот за високо образование и Статутот на УКИМ“.
-Нашите кандитатури ги ставивме во мирување, затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да и дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка. Ние остануваме на ставот дека денешното гласање е противзаконско. Ние се залагаме дека процедурата за избор на ректор треба да биде демократска, транспарентна и без прекршување на законот. Ние бараме фер услови, онака како што пропишува новиот Закон за високо образование. Денешниот ден е обид на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се спроведат недемократски, нелегални и насилни избори од страна на ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија, наведуваат Атанасов, Живковиќ и Димитриевски.
Ги повикаа нивните колеги професори и студентите дека „овие избори за ректор треба да се поништат и да се прогласат за ништовни“, додавајќи дека новиот Сенат треба да избере нова комисија за законско спроведување на изборот за ректор по парламентарните избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа