Автобусите на ЈСП во понеделник нема да возат и покрај тоа што Град Скопје закажа вонредна седница на Советот

Неисплатената плата за декември го вклучи црвениот аларм кај Синдикатот и вработените во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје и како резултат на тоа, автобусите на ЈСП од понеделник нема да возат на скопските улици. Претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски вели дека тие опстојуваат на одлуката дека во понеделник нема да има јавен превоз и порај закажаната вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која единствена точка на дневен ред е гласањето на субвенициите од 11 милиони евра за претпријатието.

„Утрото во понеделник во 4:30 часот ниту еден автобус нема да излезе од базите на претпријатието. Ако им беше битно на 45-те советници на Град Скопје да донесат одлука за субвенциите за ЈСП, тоа можеа да го сторат и вчера и денеска. Ние бараме плата за декември и редовна исплата на платите за 2024 година“,рече Стојановски.

Тој кажа дека утре ќе се разгледа можноста за пуштање во сообраќај на еден автобус на сите линии за превоз на основците и средношколците имајќи в предвид дека токму во понеделник започнува второто полугодие. На прашање дали доколку се донесе одлука за субвенции на вонредната седница на Советот, ќе се воспостави јавен превоз, Стојановски кажа дека процедурата е нејасна бидејќи не се знае кога тие пари ќе легнат на сметката на претпријатието и кога ќе добијат плата.

„Доколку одлуката се донесе во понеделник во разумно време, за парите да можат да легнат на сметката на претпријатието, во вторник ќе има јавен превоз. Во спротивно, автобусите на ЈСП нема да возат ниту во вторник“,кажа Стојановски.

Пред година и половина, Градот Скопје за прв пат во историјата остана без јавен превоз бидејќи и тогаш како и сега вработените штрајкуваа поради неисплатени плати. Тогаш по еднодневниот прекин на сообраќајот, Советот на Градот Скопје префрли пари на сметката на ЈСП, по што протестот беше запрен, а автобусите продолжија да сообраќаат уште од следниот ден.

Тогаш, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за недостигот на пари за нормално функционирање на Јавното сообраќајно претпријатие, како и за „саботирање“ на проектот бесплатен јавен превоз исто така ги обвини централната и дел од единиците на локалната власт.

Од Владата ги отфрлија обвинувањата за каков било долг кон ЈСП „Скопје“ и наведоа дека ваквата состојба во која се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.

20.01.2024 - 17:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега