Бесими - Ескобар: Зајакнување на економската соработка помеѓу две држави сојузници во НАТО

Mожноста за продлабочување на економската соработка помеѓу РС Македонија и Соединетите Американски Држави и енергетската криза беа дел од темите на кои се дискутираше на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, одржана во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.

Заменик-помошникот Ескобар ја потврди неизмерната политичка поддршка од страна на САД за земјата, како и силната агенда за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и РС Македонија. Заложбите на САД целиот регион да се интегрира во ЕУ се видливи и недвосмислени. Економската интеграција на целиот регион е значајна и за ЕУ и за Западен Балкан, и иницијативата Отворен Балкан има значаен потенцијал да даде резултати во регионалната соработка, истакна Ескобар.

Покрај политичката поддршка што во континуитет доаѓа од страна на САД, се иницираше и економска и бизнис соработка помеѓу двете земји. Двете страни се согласија дека постои огромен потенцијал за американски инвестиции во РС Македонија, особено што од 2020 година нашата земја е сојузник со САД во НАТО.
На заедничка согласност и задоволство, иницијативата за бизнис соработка и реализација на инвестиции ќе претставува идна активност преточена во план и агенда во билатералната соработка на САД и РС Македонија.

Воедно, на средбата беше упатена благодарност до нашата земја која како НАТО сојузник се приклучи кон повикот за запирање на воените дејствија во Украина, што овозможува зајакнување на идната соработка со САД.

21.04.2022 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега