Блокирани заклучоците на ЕУ: Чешка и Словачка не можат да прифатат „погрешно толкување на историјата“
Прага и Братислава објавија заеднички став во кој официјално потврдуваат дека не можат да се согласат со заклучоците предложени од германското претседателство. Главен проблем е реченицата за „погрешно толкување на историјата“, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Чешка и Словачка му се заблагодаруваат на германското претседателство за обидите да се изнајде компромис со Бугарија за заклучоците за проширувањето, но смета дека тие се неприфатливи и дека претставуваат опасен политички преседан за процесот.
Во соопштението се потсетува дека заклучоците за Советот на ЕУ треба да „испратат обединета порака“ и имаат директни последици врз иднината на процесот на проширување.
-Со оглед на клучната улога на овој документ и откако внимателно го разгледавме, не бевме во можност да дадеме согласност за нацртот презентиран денеска. Текстот каков што е содржи елементи, вклучително и поимот за фалсификување на историјата, кои смета дека ќе бидат многу штетни за процесот на проширување и можат потенцијално да донесат повеќе компликации во иднина, стои во заедничкото соопштение на Чешка и Словачка.
Иако требаше да се усвои документот денеска, тој беше одбиен на барање на министрите за надворешни и европски работи на овие две земји, кои се меѓу најцврстите поддржувачи на проширувањето на ЕУ.
Во реакцијата се бара овој текст да им поднесен на министрите, а не на амбасадорите, со оглед на чувствителноста на темата и процесот.
Двете земји предупредуваат дека оваа формулација поврзана за историјата не е предмет за Европската Унија и дека не и припаѓа на ЕУ да суди кој како се идентификува и каков јазик говори.
-Овие прашања припаѓаат на засегнатите страни и тука сме да им помогнеме со нашето искуство во овој процес на лечење.
Прага и Братислава потсетуваат дека се „длабоко разочарани“ што преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија не можеа исто така да бидат усвоени оваа година како што се очекуваше.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа