БРО: Ниту еден наставник нема да остане без работа со новиот наставен план

Новиот концепт во основното образование со кој се предвидува спојување на повеќе наставни предмети во еден, ќе почне да се иплементира од следната година за учениците од прво и шесто одделение, информираат од Бирото за развој на образованието (БРО).

За сите новини, наставни програми, други активности ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали и прирачници.

Од БРО велат дека ќе следува процес на изработка на наставни програми за сите одделни наставни предмети, а во тоа ќе учествуваат универзитетски професори и наставници од практиката кои заедно со претставници од Бирото, ќе ги развиваат наставните програми.

Од БРО, уверуваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа, туку дека ќе има потреба и од нови вработувања.

„При изработката на новиот наставен план и застепеноста на задолжителните и изборните предмети осoбено внимание е посветено на ангажираност на постоечкиот наставен кадар, искористување на капацитетите со коишто располга секое училиште и одговорно тврдиме дека ниеден наставник нема да остане без работа. Наставниците ќе бидат ангажирани за реализација на наставата, а особено за креирање на сопствена листа на изборни предмети и за изработување наставни програми од интерес на учениците, Исто така, ќе бидат ангажирани во реализација на општествено-хуманитарната работа со учениците и воннаставните активности“, велат од Бирото за развој на образованието.

Во соопштението додаваат дека, иако фондот на часови е намелен по одредени наставни предмети (музичко и ликовно образование), преку изборните предмети и воннаставните активности, велат дека наставниците кои ја изведуваат наставата ќе имаат дури и повеќе часови отколку што имале до сега.

„Според анализите на БРО ќе има и потреба од ангажирање на нови наставници. Целото ангажирање на наставниците ќе биде вреднувано, како преку нивниот кариерен развој, така и преку зголемениот обем на работа (доколку се ангажирани за реализација на различни активности во училиштето). За сите новини, наставни програми, други активности ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали и прирачници. Бирото за развој на образованието ќе им овозможи на наставниците континуирана обука и поддршка за планирањето, организирањето и реализацијата на наставата и сите предвидени активности во училиштето“, се вели во соопштението.

Од БРО велат дека ќе ги вложат сите напори да успее предвидената реформа, но очекуваат и соработка од наставниците.

„Наставниците ја покажаа својата посветеност оваа година, кога во услови на здравствена криза, без многу време за посебни подготвоки, успеаа целата настава да ја водат од далечина, така што не се сомневаме во нивната успешност сега кога ќе ја добијат целосно поддршката од институциите за претстојната реформа. Институциите тоа го почитуваат, знаат да го вреднуваат и да работат на враќање на достоинството на наставничката професија“, се вели во соопштението.

Со новиот концепт, предметите биологија, хемија, физика и физичка географија се спојуваат во еден предмет – природни науки, а историја, граѓанско образование и дел од географија ќе се спојат во предмет општествени науки. Музичко и ликовно ќе се спојат во еден предмет – уметничко образование.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.12.2020 - 17:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега