Бугарското МНР: Заклучоците на ЕУ беа блокирани неочекувано и без образложение

Бугарија го охрабрува Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ

Бугарското Министерство за надворешни работи вели дека Бугарија жали што, како што пишува во соопштението, неочекувано и без образложение денеска биле блокирани заклучоците на Советот на ЕУ од страна на две земји-членки (Чешка и Словачка).

„Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да продолжиме со нашите напори да постигнеме консензус за проширувањето. Бугарија ги одобри заклучоците на Советот за време на состанокот на КОРЕПЕР II на 16 декември, при што германското претседателство постигна консензус“,се вели во соопштението.

Во реакцијата се вели дека на инсистирање на Бугарија, на заклучоците беше додадена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и со Грција и дека нивното спроведување ќе стави крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата.

„Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да го испрати многу потребниот сигнал до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат. Како една од земјите членки што го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ“,се вели во соопштението.

Во посебен дел од реакцијата на бугарското МНР, насчовен “Појаснување”, се наведува дека заклучоците на Советот на ЕУ за проширување немаат никаква врска со процесот на одобрување на преговарачките рамки за Република Албанија и Република Северна Македонија.

„Бугарија ја поздрави преговарачката рамка за Албанија и го поздравува дополнителното време предвидено за подобрување на рамката за Република Северна Македонија“,пишува во тој дел од соопштението.

Чешка и Словачка вечерва објавија заеднички став во кој официјално потврдуваат дека не можат да се согласат со заклучоците предложени од германското претседателство. Главен проблем за нив е реченицата за „погрешно толкување на историјата“.

Тие се заблагодарија на германското претседателство за обидите да се изнајде компромис со Бугарија за заклучоците за проширувањето, но сметаат дека се неприфатливи и дека претставуваат опасен политички преседан за процесот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.12.2020 - 22:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега