Царовска: Бројките ќе паѓаат и ќе се зголемуваат, но образовниот процес мора да продолжи
Училиштата се подготвени за сите сценарија за учење кои треба да се спроведат во учебната 2021/2022 година. Одлуката за започнување со физичко присуство е во интерес на учениците затоа што наставата со физичко присуство нема замена, не само заради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на нивното менталното здравје, изјави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.
-Учењето со физичко присуство е предизвик во време на пандемија, но минатата година како држава, како Влада, како Министерство, како Општини, покажавме дека можеме и дека знаеме да ги почитуваме протоколите и немаше ниту еден случај на интерна трансмисија. Јас очекувам и оваа година да биде така. Бројките ќе паѓаат и ќе се зголемуваат, тоа е период на пандемија и сите сме тука не затоа што сакаме, туку затоа што мораме, но образовниот процес мора да продолжи и во време на пандемија, рече Царовска.
Од една страна, според Царовска, ќе го заштитат образованието и образовниот процес, од друга страна имаат обврска да го заштитат јавното здравје.
Претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција Ди Џовани посочи дека е многу важно што мината година кога се појави пандемијата нашата земја се борела да се приспособи на ситуацијата како и целиот свет.
-Во светот многу научивме но има уште многу да се учи од пандемијата. Многу ми е мило дека сите препораки се аплицирани во земјава и училиштата, и се надевам дека и другите мерки кои беа предложени ќе се спроведат. Можеме да видиме дека протоколите се аплицирани во училиштето Лирија во Чаир, рече Патриција Ди Џовани.
Таа напомена дека глобално над 900 милиони деца не одеа во училиште од почетокот на пандемијата. Според неа, иако дигиталното учење е добра алатка за учење, никогаш не било предвидено да стане единствената алатка за учење.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу посочи дека сите основни и средни училишта што спаѓаат под Општина Чаир се подготвени да го започнат образовниот процес во услови на пандемија во кои сме моментално.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа