Цел на напаѓачот во трговскиот во Сиднеј биле главно жени


Австралиската полиција соопшти дека ги истражува причините поради кои цел на напаѓачот со нож во трговски центар во Сиднеј, како што изгледа, првенствено биле жени.

Во нападот се убиени пет жени и еден маж. Сторителот на убиството е 40-годишниот Џоел Каучи, кој, според полицијата, боледувал од ментална болест.

Меѓу ранетите во неговиот убиствен поход, најголем број од жртвите се жени.

„За мене и за истражителите е очигледно дека напаѓачот имал за цел жени, а избегнувал мажи“, рече началникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Карен Веб, додавајќи дека „снимката зборува сама за себе“ и дека тоа ќе биде „еден чекор од истрагата“.

Каучи со нож усмрти шест лица во преполниот трговски центар „Вестфилд Бонди Џанкшн“ во источното предградие на Сиднеј, каде се наоѓа познатата плажа Бонди, а полицијата го уби.

Веб рече дека не може да знае што случувало во неговата глава и дека истражителите ќе ги испрашуваат тие кои го познавале.

Неговите родители рекоа дека тој страдал од ментална болест уште од адолесценцијата. 

15.04.2024 - 13:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа