Цветкоски: Нема точен или погрешен календар – поврзано е со физиката и вселената

Одамна постои прашањето за календарите, Јулијански и грегоријански според кои за верските празници се водат католиците или православните. Годинава датумот за Велигден има особена разлика. Прашањето кој е точен, а кој е неточен календар на интересен начин го објаснува етнологот од прилепскиот музеј Александар Цветкоски.

Според објаснувањето на Цветкоски, кај календарите не постои точно и погрешно и сето е поради физиката и вселената.

– Луѓето отсекогаш биле преокупирани со времеброењето и сфатиле дека преку цикличноста, преку постојаното излегување на Сонцето и на Месечината, како најблиски тела, тие може да го мерат времето. Во зависност од тоа, дали се зема предвид Сонцето, или Месечината, или и двете тела, тогаш имате различни каленадари. Јулијанскиот календар, или нашиот стар календар, го вовел Јулие Цезар и ги зема двете величини: месечевата и сончевата година. Грегоријанскиот календар е воведен во 16 век, а против него станале најпознатите имиња во тоа време: Џордано Бруно, Галилео Галилеј и не сакале да работат по тој календар. Грегоријанскиот календар ја зема за периметар само месечевата година, што значело дека сите планети се вртат околу земјата, што знаеме дека не е точно. Значи, во што е работата? Календарите треба да ги одредат, да ги одразат настаните кои се случувале: што е прво, што е второ, а што трето. На пример: Христос умрел на 14 нисан. Тоа значи дека ние може да го славиме Велигден само по тој 14 нисан. По јудејската пасха, објаснува Цветкоски.

Според грегоријанскиот календар, вели тој, четири пати во сто години им паѓа да го слават заедно, со Јудеите, и четири пати да бидат пред нив и за тоа има седмо апостолско правило кое предвидува анатема.

-Никогаш, пак, не може да се случи во Јулијанскиот календар да имаме Велигден пред тоа. Кај календарите, говориме за црковните, најбитно е секогаш периодите во годината да се одразуваат точно. На пример, постите треба да бидат целосни. Кај нас, според Јулијанскиот календар, петровденските пости се целосни, а кај Грегоријанскиот календар речиси и да нема целосни петровденски пости, зашто велигден бил доста доцна, вели тој.

Цветкоски додава дека не е возможно да се пресмета Грегоријанскиот, или католичкиот Велигден, без да се пресмета православниот.

– Мора прво да се пресмета православниот. Се пресметува според Гаусовите таблици (ги направил Фридрих Гаус) според кои се пресметуваат сончевите и месечевите заостатоци и така добиваме кој е точен датум за Велигден, односно ја добиваме првата полна месечина напролет. И според Гаусовите таблици мора, прво да се пресмета православниот Велигден, за потоа да се направат корекции за католичкиот Велигден. Ако се каже дека творец на грегоријанскиот календар е берберот на папата Григур, Антонио Лилио, зашто само тој се нафатил да го преработи календарот, навлегол во многу земји, тогаш прашањето за точен календар губи смисла. Ниту православниот не е точен, ако ги земеме предвид вселенските настани. Единствено е точно колку зачестено осцилира квартот, како што е направена секундата, па да одиме според тие мерки кои ги почитува целиот свет, појаснува тој.

Етнологот Цветкоски вели дека  цикличноста е најважната работа во светот и на секои 528 години планетите се исто поредени. -Тоа се нарекува Големиот Индиктион. Тоа е главната единица мерка според која оди Јулијанскиот календар, вели етнологот. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.05.2021 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега