Даштевски: Подготовките за локалните избори ќе бидат навремени

Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти и системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси.

Во интервју за МИА претседателот на ДИК, Александар Даштевски ги објаснува деталите поврзани со договорот. Тој нагласува и дека подготовките за локалните избори ќе бидат навремени иако се уште не се донесени измените на Изборниот законик, а треба да следува и едукацијата на членовите на ОИК и избирачките одбори, што ќе опфаќа и гласање со отпечатоци од прсти, како и дека тие ќе се спроведат согласно здравствените протоколи против Ковид-19.

– Договорот е склучен и покрај софтверот и терминалите, тука спаѓа и друга опрема што значи дополнителна опрема, резервни делови, тука спаѓа кутијата односно класичното куферче за чување на опремата кое исто е направено по одредени стандарди за да не може да подлежи на кршење, на прашина и вода, литиумски батерии, тука се каблите за поврзување и целокупната опрема. Со него е купен и мрза скенерот и термалниот принтер, изјави Даштевски.

Претседателот на ДИК вели дека подготовките за локалните избори ќе бидат навремени, иако се уште не се донесени измените на Изборниот законик, а треба да следува и едукацијата на членовите на ОИК и избирачките одбори, што ќе опфаќа и гласање со отпечатоци од прсти.

– Јас сметам дека тоа што ќе се донесе бидејќи има работни групи таму професионални во Министерството за правда, и таму внимаваат што може да се направи, што неможе да се направи, што е приоритетно, што не е, дека ќе внимаваат на сите работи за да може успешно да биде спроведен процесот. Така што мислам ќе ги донесат само најнеопходните работи кои ќе помогнат за полесно спроведување на изборите, а дека другите работи ќе ги остават за подоцна, бидејќи е прекраток временскиот период. Во таа насока ќе се оди за да се помогне и да се олесни спроведувањето на изборниот процес што на нас нема да ни смени многу, вели Даштевски.

Претседателот на ДИК вели дека локалните избори ќе се одржат согласно протоколите за Ковид-19, со исклучок на продолженото времетраење на гласањето, што беше уредено со владина уредба.

– Околу овие работи (за продолженото време за гласање) тоа беше адхок уредба со законска сила од Владата, така што тие важеа само за тогаш, бидејќи во принцип важи Изборниот законик, а тој не е сменет во таа насока. Така што, тие рокови нема да важат, а се друго што се однесува до другите протоколи, здравствени протоколи, ќе бидат апсолутно испочитувани како на минатите избори, маски, алкохол кој ќе го употребуваат пред да влезат во просторијата, запазување на дистанца од два метри и избирачките одбори ќе водат сметка да не влегуваат многу луѓе, рече Даштевски.

Засега тој не може да каже дали би можело да дојде до одложување на изборите, доколку бројките на заболени од Ковид-19 се зголемат.

14.08.2021 - 10:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега