Дел од помалите владини партнери го условувaат влезот на Алијансата за Албанците во Владата

По седницата на Централното претседателство на Алијанса за Албанците (АА) што се одржа викедов и најавите дека во текот на неделава партијата ќе формира комисија којашто би преговарала за евентуален влез во Владата, вчера со свои ставови околу можноста АА да влезе во Владата излегоа помалите владини коалициски партнери.

Од Алтернатива сметаат дека нема потреба да се преговара со Алијанса за Албанците, оценувајќи дека улогата на оваа партија во Владата би била „да го амортизираат расколот во ДУИ“. Од Алтернатива сметаат и дека е логично оној што е во неволја, да отстапи дел од владините ресори што ги води.

– Логично е тој што е во неволја да биде подготвен да надомести со ослободување на дел од ресурсите што моментално ги води. Сакаме да го нагласиме ова. На Алијанса не и требаат функции за гласање на уставните измени, доколку се искрени во нивната посветеност за ЕУ. Истовремено, не ја прифаќаме тезата дека поради тоа што Алтернатива има помалку пратеници од Алијанса, мора да плати политичка цена со кадровски отстапки. Секој што заборава дека пред само 12 месеци, Алтернатива беше клучен фактор за спас на Владата и со тоа овозможи разговори со ЕУ, всушност го поткопува и загрозува коалицискиот потенцијал на проевропските сили во Северна Македонија. Ако политичкиот договор со Алтернатива не се почитува до крај, зошто некој друг би верувал дека вреди да се здружи со тие што не ги исполнуваат обврските?, посочија вчера од Алтернатива.

Сличен став има и Демократскиот сојуз, од каде вчера изјавија дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Амадманот 6 од Уставот.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вчера пред состанокот на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на коалициските партнери изјави дека инсистираат на почитување на Уставот и дека само во тој случај ќе поддржат реконструкција на Владата. Трајанов смета дека ДУИ треба да отстапи две министерски места.

– Значи соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. За тој принцип се залагам. И доколку така се компонира новата влада или реконструирана влада ќе поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сака нов партнер, тогаш треба да отстапи две места. Тоа би било во ред. Но, генерално мислам дека соодветната застапеност значи некаде пет до шест министерски места. Бидејќи така сме поделени, така е конципирано во Уставот за соодветна застапеност на етничките заедници и така треба тоа да се спроведува во пракса, изјави Трајанов.

24.01.2023 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега