Ди Џовани: Наставниците имаат право на штрајк, но тоа не треба да влијае на наставата

Наставниците имаат законско право на штрајк, но апелирам да се изнајде алтернативен начин да се штрајкува, кој нема да влијае на наставата на децата, затоа што децата мора да бидат во училишните клупи, истакна претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

– Сакам да ги поддржам наставниците во нивните законски права да бараат подобар стандард, поголеми плати но ова никако не може да биде врз грб на учениците кои и така поради пандемијата изгубија многу од наставата, додаде ДиЏовани.

Таа напомена дека УНИЦЕФ нема да го коментира штрајкот на наставниците, но како што рече, убаво би било да се најде иновативен начин со кој нема да бидат засегнати децата, додаде Ди Џовани.

Апсолутно нема никаква научна поткрепеност на тврдењата дека вакцинирањето и аутизмот се поврзани. И УНИЦЕФ и другите меѓународни организации потрошија многу пари, средства за да откријат евентуална поврзаност и нема таква поврзаност. Знам дека секој родител ги сака своите деца, но ги замолувам родителите, апелирам да не потпаднат, да не бидат жртви на лажни информации преку социјалните мрежи, истакна денеска претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

Има институции во светот, посочи таа, кои вложуваат сериозни здравствени и научни напори за да докажат определен ефект на каква било медицинска работа.

– Затоа не бидете плен на лажни информации. Ова се случуваше и за време на пандемијата со КОВИД – 19 истите работи. Родителите не може да знаат се. Затоа постојат овластени научни институции во светот и во државата, ве молам обратете се до нив и послушајте ги нив, додаде Ди Џовани, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во пресрет на Европската недела за имунизација на која беше соопштено дека неопходно е да се зголеми опфатот со МРП вакцината, а беше и најавено дека Министерството за здравство и УНИЦЕФ почнуваат кампања за да се укаже на ефикасноста на редовните вакцини за деца.

21.04.2022 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега