Димитров: Од Грција очекуваме поддршка и помош на европскиот пат

Ова е главната порака што вицепремиерот Никола Димитров денеска ја испрати на средбите со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас и со алтернативниот министер за надворешни работи задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, на кои Димитров им пренесе дека Македонија од Грција очекува силна поддршка во интегративниот процес. 

Токму на средбата со МНР Дендиас во фокусот на разговорот беше ваквата поддршка и помош од соседна Грција како суштински дел во новото поглавје на односите меѓу двете соседни земји, но и голем чекор кон заедничката визија за иднината.

ЗПВ Димитров информираше за очекувањата во однос на преговарачката рамка да биде усвоена до крајот на оваа година, за време на германското претседавање со Советот на ЕУ.

На средбата со алтернативниот министер Варвициотис беа разгледани регионалната и билатералната соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на активностите кои треба да се преземат во наредниот период за интензивирање и продлабочување на Акцискиот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство и имплементација на Меморандумот за соработка потпишан помеѓу Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија и МНР на Грција, овозможува грчката страна да понуди конкретна техничка помош на македонските институции за побрзо усогласување на националното законодавство во конкретни поглавја од европското acquis.

И двајцата соговорници посочија дека понатамошното спроведување на Преспанскиот договор ќе придонесе за продлабочување на билатералните односи, ќе им овозможи на двете земји да го искористат целиот потенцијал за политичка и економска соработка, но ќе овозможи и подобрување на соработка и координација во рамките на регионалните  иницијативи. Беше договорена и посета на министерот Варвициотис на Македонија во блиска иднина.

Вицепремиерот Димитров овие средби ги оствари во рамките на работната посета на Атина како дел од првата владина посета во странство предводена од премиерот Зоран Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.09.2020 - 09:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа