Џафери: Денес сум Украинец, најдлабоко сочуство до сите кои ги изгубија најмилите

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери денеска беше во посета на Украина, каде што ја посети Буча, место во кое загинаа голем број цивили.

Во продолжение следи целото обраќање на Џафери.

„Моето искрено и најдлабоко сочувство до децата, родителите, жените и мажите кои ги изгубија најмилите.

Денес сум Украинец.

Се извинувам за прекршувањето на протоколарната рамка почитуван претседателе на Украина, г. Зеленски и почитуван колега Стефанчук, но, онемен сум и за она што сакам да го кажам, доволна ми е една минута. И покрај тоа што сум војник, и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот. Онемен и бесен. Бесен на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Растревожен сум од бројот на гробови чии леи не ги догледува човековото око, а видов само дел во Буча и Ирипин. Бесен што светот нема доволно силен глас да и каже стоп на оваа безумна инвазија.

Во чест на загубените животи се обврзуваме да ви помогнеме и внимателно да слушаме како одново ќе го изградите разрушеното.

Искрено го почитувам времето за говор кое што ми е доделено од домаќините, па дозволете да го нагласам и следново:

Лично ќе се заложам за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина. Фактот што сум во Украина, им дава уште поголема тежина на моите активности како претседател на законодавниот дом кој што е седиште на демократијата и институција во која се донесуваат клучни државни одлуки.

Почитувани,

Усвојувањето на „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“ на 3 март во нашето Собрание; како и ко – спонзорирањето на резолуции и иницијативи кои бараат Русија веднаш да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска ја потврдуваат нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност со украинскиот народ. Република Северна Македонија ја поддржа и Одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа. Дополнително, се приклучивме кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација, иако не сме членка на ЕУ.

Овој акт на агресија уште еднаш потврди колку е значајно проширувањето на Европската унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа.

 Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас.

Иако имам тешкотија да ве погледнам во очи, ќе ви посакам да сте силни и истрајни до слобода на Украина и украинскиот народ! Ви благодарам на вниманието“, кажа Џафери.

27.04.2022 - 20:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега