Џафери: ДУТ е огниште на прогресивната, напредната сила, која чекори паралелно со промените

Како Универзитет, како огниште на прогресивната, напредната сила, која чекори паралелно со промените и новините и во исто време се справува, прилагодува и ги надминува и предизвиците кои ги носи модернизацијата, со кои се соочува целото општество, целосно сум убеден дека нема да заостанете зад другите универзитети во земјава и светот, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на свечената академија по повод 26-годишнината од основањето на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).

-Сигурен сум дека дигитализацијата веќе стана редовен начин на функционирање на Универзитетот, на одвивање на наставните часови, на комуникацијата помеѓу академскиот кадар и актуелните и идни студенти. И токму така и треба да биде, затоа што во ниту една ситуација, колку и да е таа тешка, споделувањето на сознанијата, отворањето на новите хоризонти на знаењето поставувањето на камењата на зацврстување во темелите на овие нови фиданки, не смее да запне, да се спречува, отежнува или запре засекогаш. И за ова време, дигитализацијата е само уште една додадена вредност затоа што, преку глобализацијата се отвораат нови видици, нови светови и во тој виртуелен свет, нема пречки, нема тајни, целиот светски интелектуален потенцијал е на дофат само со едно кликање на копчето, така што, ви сугерирам, ве охрабрувам да бидете смели, да бидете љубопитни, со отворени очи. Светот е дар завиткан со многу слоеви и секое отворање на нова страница, ви ги подарува најубавите и неочекувани изненадувања, им рече Џафери на студентите.

Се наоѓаме во Тетово, посочи, во универзитетскиот град со огромен студентски потенцијал во државата и енергија, волја, визија и пламена желба за инвестирање во личното интелектуално усовршување за исполнување на предусловите за исполнет професионален живот.

-Сега, треба да подадеме рака на охрабрување и безрезервна поддршка, така како што направиле и првенците на овој универзитет, оние што го знаеја значењето на образованието на мајчин јазик, оние што ниту еднаш не се двоумеа во ниту еден миг за да го заштитат тоа право со своето тело и живот. И затоа имаме одговорност и ниту ние, ниту идните генерации не смееме да ја заборавиме оваа пожртвуваност и борба чиј резултат и плодови денес ги уживаат многуте генерации што произлегле и ќе продолжат да излегуваат од овие универзитетски клупи и ќе го дадат својот ценет придонес во секоја пора од животот, во секој сегмент од нашето мултиетничко општество, потенцира Џафери.

Тој посочи дека и покрај тешкотиите и пречките поради политичките судири, Собранието работи во насока на подобрување на студентскиот стандард, правејќи законски измени со кои се овозможува финансиска помош, но и во насока на изедначување на научниот статус и во универзитетите, така како што е тоа уредено во институтите.

-Ќе продолжиме да бараме и да ги менуваме законските решенија во областа на образованието, имајќи отворени врати за придонесот на професионалците и на самите студенти за да ги изнајдеме најдобрите можни решенија за и нашите универзитети да чекорат во ист чекор со светските универзитети. Во текот на ова, универзитетската автономија ќе биде главниот патоказ, но во исто време, ќе ја имаме предвид финансиската и кадровска независност на универзитетите затоа што, не може да има вистинска автономија без да се имаат последните две, рече Џафери. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.12.2020 - 17:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега