Џафери: Неопходно е ЕУ без одлагање да утврди датум за старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија

Неопходно е Европската унија без одлагање да го утврди датумот за одржување на првата меѓувладина конференција, со која ќе биде означен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија и тоа е најдобро да се случи за време на француското претседавање со ЕУ, истакна денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на 18-та Конференција на Јадранско-јонската иницијатива на тема „Европската интеграција: Западен Балкан, додадена вредност на Јадранско-Јонскиот регион и на Европската унија“, што се одржува во албанскиот главен град Тирана.

– Иако секоја држава индивидуално има своја стратегија и ги презема потребните чекори за заштита на својот територијален интегритет и суверенитет, сепак обврска на секоја држава одделно, исто така, е и одговорноста за стабилноста на регионот и неговата европска интеграција. За Република Северна Македонија, членството во НАТО значи да се биде дел од напорот за одржувањето на мирот и секако дека тоа што сме заедно и сплотени под тој заеднички чадор влева чувство на моќ и сигурност и во исто време има многу позитивно влијние и врз целиот регион, па и пошироко, рече Џафери.

За нас како држави аспиранти, посочи Џафери, е многу важно во рамките на Јадранско Јонската иницијатива да ја интензивираме и соработката помеѓу парламентите и парламентарните тела, околу нашите реформи и во исто време ќе можеме да ги артикулираме нашите интереси и прашања, а понекогаш можеби и дилеми, во Европскиот парламент, но и пред другите институции на Европската Унија.

Тој изрази поддршка за Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), како корисно средство за економска соработка помеѓу земјите членки на ЕУ и државите кандидати за членство.

– Високо ја цениме улогата на иницијативата во зголемувањето на регионалната соработка и охрабрувањето на процесот на проширување со земјите на Западниот Балкан. Како земји, како регион, треба да бидеме свртени едни кон други, секогаш и во секоја форма на иницијатива, соработка, заеднички проект и мултилатерална соработка, за да бидеме привлечни и конкурентни на големите светски пазари. Тоа ќе придонесе за благосостојбата на нашите граѓани, држави и регион, рече тој.

 

06.05.2022 - 13:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега