Европратеникот Ќучук: Надворешниот притисок врз Бугарија во однос на Македонија е легитимен
Европратеникот и известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Илхан Ќучук кажа дека надворешниот притисок врз Бугарија во однос на Северна Македонија е легитимен бидејќи Бугарија го запира европскиот проект, а Европската Комисија даде јасен сигнал дека сака земјата да биде многу сериозен фактор на Балканот
Тој посочи дека е опасно да се предлага разделување на Северна Македонија и Албанија, бидејќи тешко ќе им се објасни на партнерите во Скопје зошто треба да се случи тоа и да биде пуштена Албанија да продолжи сама, а не заедно со Северна Македонија.
Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов, пак, изјави дека рамковната позицијата прифатена од властите на Софија е нефункционален документ со многу содржини и за внатрешна употреба, јави дописникот на МИА од Софија.
Истовремено, тој коментира дека договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија од 2017 година создал стабилен амбиент, дека ги обновува односите меѓу Софија и Скопје, но во споредба со договорот меѓу Скопје и Атина, тој со Софија е неплоден.
Поранешниот заменик министер за надворешни работи на Бугарија и директор на невладиниот Институт за економија и меѓународни односи Љубомир Кјучуков се осврна на можното странско посредништво меѓу Бугарија и Северна Македонија, посочувајќи дека тоа би било лошо решение. Проблемите, според него, треба да се решаваат на билатерален план.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа