„Европска недела на мобилност”

„Европска недела на мобилност” e активност, односно кампања која на иницијатива на Европската комисија, се спроведува секоја година, во периодот од 16 до 22 септември. Кампањата има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето и велосипедизмот.

Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и МВР во наредните седум дена ќе реализираат низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот, а почетокот е денеска во Скопје.

 

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски потенцира дека возењето велосипед има многу бенефити и мора сите институции да го стимулираат на секој возможен начин, но мора и при управувањето на велосипед да ги почитуваме сообраќајните правила.

„Евидентно е дека во последните години се повеќе се користат велосипедите и дека имаме се повеќе велосипедски патеки, особено во Скопје, што е за поздравување. Но, како и сите учесниците во сообраќајот, и велосипедистите мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Почитувајќи ги правилата ја обезбедуваме својата безбедност, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот“ - истакна портпаролот Ангеловски.

 

Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте. Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица, и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас,  за нашето здравје, и околината во која што живееме„ рече Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП.

Инаку, Министерството за внатрешни работи во своето редовно полициско работење воведе и велосипедски патроли, составена од униформирани полициски службеници кои извршуваат работни задачи во превентивното полициско работење.

16.09.2021 - 15:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега