Европскиот елен се врати на Галичица, учениците и посетителите добија едукативна патека за запознавање на богатствата на националниот парк

Националниот парк Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, на планинскиот масив Галичица, зафаќајќи и делови од нејзините ограноци Исток и Петрино, како и островот Голем Град во Преспанското Езеро. Планината Галичица е дел од Шарско-Пиндскиот систем на планини. Големите отворени површини кон Охридското и Преспанското Езеро кои ја ограничуваат од исток и запад, придонесуваат во нејзиното јасно визуелно одвојување како засебна целина.

Галичица, препознатлива по својата богата и ретка природа, неповторлива убавина и големиот број на ендемски видови, во 1958 година е прогласена за национален парк со цел да се зачува растителниот и животинскиот свет и природниот изглед на планината. Околу 2/3 од Националниот Парк е вклучен во границите на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион, како дел на природното наследство на УНЕСКО.

Надморската височина на планинскиот масив Галичица во Македонија се движи од 695 м.н.в. (нивото на Охридското Езеро), односно 850 м.н.в. (нивото на Преспанското Езеро), до 2265 м.н.в. на граничен столб Ф10. Помаркантни коти кои доминираат со релјефот се: Магаро-2254 м.н.в.; Лако Сигној-1984 м.н.в.; Гога-1737 м.н.в. и др.

Со цел да се зачуваа ова непроценливо богатство, НП Галичица успешно го реализираше проектот „Подобрување на ефикасноста на заштитата, зачувувањето и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“ како дел од Програмата за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ финансирана од Европската Унија,  а спроведена од ,,Програмата за развој на Обединетите нации” (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

За се што е постигнато со овие активности, разговаравме со Андон Бојаџи, одговорен за реализација на проектот кој опфаќаше мерки и активности за подигнување на капацитетите на Националниот Парк и зголемување на ефикасноста на управувањето.

,,Во рамките на спроведувањето на проектот се изврши ревизија на програмата за долгорочен мониторинг на биолошката разновидност во паркот која опфати и ангажирање и обука на млади биолози за активности на заштита, зачувување и управување со биолошката разновидност, се оформи репродуктивен центар и се набавија 30 единки европски елен, се подготви потребната документација за изградба на арборетум на домородната дендрофлора на паркот и се обнови едукативната патека кај центарот за посетители на паркот во Охрид” вели Бојаџи.

Покрај целиот персоналот на паркот, за спроведување на проектот беа ангажирани двајца млади биолози и едно лице за комуникација со јавност кои продолжија да работат за установата и по неговото завршување, со што се покажа подготвеност за долгорочна трансформација кон ефективно управување со заштитата на природата.

НП Галичица преку овој проект успеа да ја реализира и долгодишнита идеја за враќање на европскиот елен на планината:

„Успешното одржување на матичното стадо од европски елен во текот на зимата 2019/2020 и стекнатите знаења и вештини во управувањето со репродуктивниот центар ќе овозможат постигнување на главната цел – активно управување со високопланинските пасишта со помош на дива фауна и спречување на загубата на дел од биолошката разновидност и пределските вредности на паркот.

Ревидираната Програма за долгорочен мониторинг и собраните податоци за биолошката разновидност во паркот ќе овозможат зголемување на базата на податоци за клучните живеалишта и видови застапени во Галичица, кои се од национално и меѓународно значење” потенцираше Бојаџи.

Друг знашаен резултат од овој проект е што посетителите, но и учениците кои редовно доаѓаат во посета на Националниот Парк, добија едукативна патека каде ќе можат да научат колку е навистина значајна Галичица, и зошто треба и самите да придонесат во нејзиното зачивување.

Обновената и надоградена едукативна патека секако ќе придонесе во спроведувањето на значајни активности на еколошка едукација со што ќе дадеме придонес во подигнувањето на јавната свест за потребата од заштита и зачувување на природата, вели Андон Бојаџи координатор на проектот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.09.2020 - 11:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега