Го лажел дека е од АНБ и му зел пари, накит и два автомобили вредни 180.000 евра

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела – Изнуда од член 258 и Лажно претставување од член 391 од Кривичниот законик.

Во период од 14.12.2023 до 05.04.2024 година, пријавениот лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани присилил едно оштетено лице да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра.

-Претставувајќи се како вработен во АНБ и посредник за исплата на долг, осомничениот на оштетениот 54-годишник, управител на фирма, му вршел притисоци со закани за неговиот и животот на неговото семејство, па во повеќе наврати му земал парични средства, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и веројатност да ги повтори делата. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

07.04.2024 - 11:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега