Гостивар: Промовиран модел за формирање прв Центар за социјални услуги во домот и заедницата

Модел за мултифункционален центар кој ќе испорачува повеќе различни социјални услуги за задоволување на потребите на лицата со попреченост и нивните семејства од Полошкиот регион, денеска беше презентиран пред пошироката јавност. Во некогашниот приватен колеџ, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска придружувана од амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Хулман, постојаниот претставник на УНДП во РСМ, Арменд Григорјан, градоначалникот Арбен Таравари и државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика Ресми Ејупи претставувајќи ги идеите и целите на новата институција, напомена дека ова е прв ваков во земјава.

Министерката Тренчевска истакна дека со создавање на нови и зајакнувањето на постојните човечки капацитети во заедницата и искористување на расположливите ресурси, придобивка ќе имаат граѓаните кои имаат потреба од нега и грижа, одмена на семејна грижа, рехабилитација, окупација, поддршка за независно живеење, окупација, активација и поддршка за вклучување на пазарот на труд.

– Во план е и преку овој центар да се испорачува и мерката од оперативниот – економија на грижа за регионот на Општина Гостивар и тоа преку селектираната граѓанска организација – Ресурсен центар Гостивар. Обуките во рамките на оваа програмата се во тек, со учество на 12 невработени лица, со можности за нивно вработување, кои оваа услуга директно ќе ја испорачуваат до крајните корисници од Полошкиот регион, рече Тренчевска.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари напомена дека соработката со локалната заедница е од голема важност. Во тек, рече тој, е формирање на стручен тим составен од различни профили кои ќе испорачуваат услуги на поддршка, рехабилитација и хабилитација, ресоцијализација, обука за независно живеење и обука кај различни испорачувачи на обука и работодавци како поддршка за нивно вклучување на пазарот на труд.

– Центарот во Гостивар е креиран да испорачува социјални услуги во домот и заедницата со што ќе се овозможи интегрирање и испорачување на повеќе различни социјални услуги во насока на задоволување на потребите на лицата со попреченост и нивните семејства од Полошкиот регион. Обезбедувањето на здрави оброци за немоќните секако дека ќе им биде од корист, рече Таравари и напомена дека е во тек се очекува да биде избрана компанија која ќе раководи со кујната во центарот.

Постојниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, истакна дека креирањето можности за работа и социјална инклузија за ранливите и маргинализираните групи е еден од приоритетите на УНДП, при што активностите се спроведуваат со финансиска поддршка од Владата и Швајцарската амбасада.

– Заеднички работиме во формирање и воведување модели на социјални услуги кои ќе превенираат, активираат и поддржат ранливи категории што ќе доведе со поефикасна активација на пазарот на трудот и зголемена стапка на вработеност, истакна Григорјан.

Според програмата за работа на овој центар, планирано е и воспоставување на верификуван тренинг центар за подготовка на здрава храна во поширокиот регион и ќе обучува по 25-30 лица секоја година како определен минимум. Она што е клучно е дека лицата ќе стекнат практични вештини во неколку области на кулинарството, со кои ќе можат да конкурираат на пазарот на труд и да најдат соодветна и добро платена работа во угостителскиот сектор.

21.07.2022 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега