Граѓани бадијала се потпишуваа, Силјановска Давкова кандидатурата ја доставила со потписи од пратениците

Иако собираше граѓански потписи, Гордана Силјановска Давкова својата кандидатура ја доставила со потписи од пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Изборниот тим на актуелниот претседател на државата, обвинува дека со тоа со овој потег станува јасно дека Силјановска Давкова е единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а не натпартиски и дека партијата излажала десетици илјади граѓани со часови да чекаат ред за да се потпишат, а нивните потписи отишле во ѓубре.

-Пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20.000, 25.000 потписи па и повеќе. Но на крајот, кандидатурата на Силјановска Давкова беше поткрепена само со триесеттина потписи на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто Давкова и Силјановска се одлучија за ваков потег? Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии а другите во подрачни одделенија на ДИК?, велат од тимот на Пендаровски.

Опозицијата вели дека станува збор само за техничко прашање, а Силјановска Давкова ќе имала јасна и недвосмислена поддршка на претстојните избори.

-Свесни сме за интенцијата на Пендаровски и СДС да продолжат со креирање на теми кои се надвор од реалноста и ова е уште доказ за нивната единствена желба да го затскријат својот неуспех и пораз кои ги очекува. Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е она што е најголема болка за Пендаровски и СДС.

Пендаровски и Силјановска Давкова последни почнаа да собираат граѓански потписи бидејќи се чекаше на партиските тела да ја потврдат поддршката за нивната кандидатура. И двете партии и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на ист ден почнаа да собираат потписи, а тоа се претвори во пропаганден натпревар – кој за колку време колку потписи собрал.

20.03.2024 - 18:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега