Грчките земјоделци денеска ќе ги одредат нивните следни чекори

Земјоделците од цела Грција напладне ќе одржат состанок на кој се очекува да донесат одлука за нивните следни чекори, односно дали ќе ги интензивираат нивните протести и блокади или ќе се повлечат, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките земјоделци во вторникот се сретнаа со премиерот Кирјакос Мицотакис кој им соопшти дополнителни мерки за поддршка, меѓутоа по средбата коментираа дека не биле исполнети сите нивни барања и објаснија дека ќе ги информираат нивните колеги за заедно да одлучат кои ќе бидат следните чекори.

Голема е веројатноста дека ќе решат да продолжат со активностите, но и да закажат протест во Атина.

Земјоделци веќе четврта седмици протестираат со поставени над 55 блокови низ целата земја, повремено блокираат патишта, автопати и гранични премини, како што е случај со премините Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Северна Македонија.

Не е исклучена можноста во текот на денешниот ден, по 12 часот по локално време, земјоделците од северозападна Грција повторно, на неколку часа да го затворат преминот Ники (Меџитлија).

Доцна синоќа, грчката полиција не им дозволи на земјоделците да го затворат граничниот премин Евзони (Богородица), кои со тракторите и пеш планираа на два часа целосно да го блокираат сообраќајот.

Новата блокада беше закажана од 19 до 21 часот по локално, односно од 18 до 20 часот по македонско време, а намерата на земјоделците беше да ги затворат сите точки за влез и излез од Грција на конкретниот граничен премин кон нашата земја, меѓутоа по интервенцијата на полицијата, сообраќајот, како за автомобили, така и за товарни возила се одвиваше регуларно.

Грчката телевизија „Скај“ објави дека заедно со полицијата на границата пристигнал и обвинител за да ги информира земјоделците за евентуалните последици во случај да постават блокада. 

 

15.02.2024 - 18:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега