Хелсиншки комитет бара итни мерки од МЗ: Обезбедување пристап до здравствена заштита на сите осудени лица

Од Хелсиншки комитет за човекови права го објавија Извештајот од последователни посети за состојбата и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија во јули 2021. Во него се наведени повеќе генерелни препораки со цел подобрување на состојбата на затворите. Меѓу приоритетите е итно и неодложно преземање мерки од страна на Министерството за здравство за обезбедување непречен пристап до здравствена заштита на сите осудени лица. Но, од комитетот ја изјаснија и потребата за итно и неодложно обезбедување минимални услови за одржување хигиена, услови за спиење и обезбедување квалитет и количество на храна за осудените лица во КПД Идризово согласно пропишаните стандарди.

Инаку, последователните теренски посети биле спроведени во 4 казненопоправни установи во кои беа забележани најголем недостатоци за време на спроведување на редовните посети и тоа во: КПД Идризово, КПД Штип, КПД Куманово и КПУ Тетово. Иако за време на последователните посети мониторинг тимот забележал подобрување во казнено-поправните установи, најмногу во поглед на унапредување на материјалните услови, пенитенцијарниот систем сè уште се соочува со големи проблеми и предизвици.

„Како најгорливи проблеми остануваат пристапот до здравствената заштита, образовниот процес и процесот на ресоцијализација на осудените лица, необучените раководни и стручни кадри во казнено-поправните установи и неефикасните внатрешни и надворешни механизми за пријавување и гонење на случаи на тортура и нечовечко постапување спрема осудените лица. Во таа насока, извештајот содржи резиме од остварениот теренски мониторинг, фокусирајќи се на напредокот и главните предизвици документирани за време на посетите. Извештајот, воедно, содржи и препораки за секоја казнено-поправна установа, како и генерални препораки за надлежните институции во насока на подобрување на состојбите и условите во казнено-поправните и воспитнопоправните установи“-велат од Хелсиншки комитет за човекови права.

16.11.2021 - 10:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега