Хисни Исмаили е нов потпретседател на Собранието
Со 62 гласа „за“ Хисни Исмаили од редовите на партијата Алтернатива е избран за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, во рамки на денешното продолжение на 71.седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери го прекина продолжението на оваа седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците дополнително ќе бидат известени.
Седницата почна со задоцнување од еден час, а на неа не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
На дневен ред на оваа седница е и Интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска, поднесена од пратеницита од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, пратениците во рамки на оваа седница треба да дискутираат и за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, Предлог на законот за дополнување на Законот за животната средина, во второ читање, предложените измени на Законот за работните односи, и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, како и за други предлог закони и неколку годишни извештаи за работата на институции за 2021 година.
Претходно, пратениците на продолжение на 88. седница, го изгласаа Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, а Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за членови на Уставниот суд. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала на стартот на расправата за изборот на уставните судии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа