Јакимовски: Муцунски се подбивал со мојот пораз, јас барем го признав, тие пијани држеа прес-конференција

„Колегата Тимчо Муцунски се подбивал со мојот резултат на овие претседателски избори, притоа обидувајќи се малку да биде вицкаст.
Иако и јас можам да бидам по вицкаст, јас ќе бидам само реален и ќе изнесам факт“, напиша вечерва претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски на социјалната мрежа Фејсбук. 
„Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски наследи општина со 200 милиони денари на жиро сметка, клубот МЗТ со 6 милиони денари и 18 милиони денари потпишани договори кои треба да легнат на сметката на клубот во наредниот период.
Денес општина Аеродром не може да си ги плати обврските према добавувачите и изведувачите, има проблеми со исплта на плати. На МЗТ му ветуваше брда и долини, а сега доцни со плати.
Веројатно колегата мисли дека високиот резултат на нивниот претседателски кандидат е како плод на неговото домкинско и успешно работење и дека овие 12.000 гласа разлика во однос на другиот кандидат се резултат дека и следниот градоначалник по него нема да може да ја оправи некогаш најсолвентната општина. Заради колосалните успеси во локалната самоуправа сега се гребе за функција во влада.
Веројатно тактиката му е добра зошто градоначалничката фотеља е жешка, бара да бидеш добар менаџер, да имаш трпение во работата со граѓаните и да наоѓаш решение за нивните проблеми.
Ова е пре тешка работа за него, а големите партии се познати што и на помалку успешните им наоѓаат ангажман.
Паролата "И неспособните со нас успеваат" им е својствена само нив.
За разлика од него, јас наследив 330 милиони денари блокирана сметка, а денес на истста има 60 милиони денари и нема долг ниту еден денар. Тој работи со мнозинство со советот, а јас без мнозинство и со опструкции.
Од синоќешните резултати јас бев шокиран од нискиот број на гласови, а неговата партија пак од преголемиот број на гласови. Но, прв излегов го признав поразот и честитав на водството на нивниот кандидат.
Како што доликува на еден претседателски кандидат“, стои во објавата на Јакимовски.
Меѓудругото, го обвини раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дека при одржаната вчерашна прес конференција, се појавиле во алкохолизирана состојба.
„За разлика од мене тие пред очите на цела македонска јавност излегоа во алкохолизирана состојба, ги валкаа зборовите и едвај го прочитаа тоа што го напишале. Јас знам да се носам и со победите и со поразите. Нив, власта секогаш ги опијанува, а мене никогаш“, дополни Јакимовски.

25.04.2024 - 20:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега