Календар на МПЦ: Овие светители се празнуваат утре

Овие светители се празнуваат утре според календарот на МПЦ.

Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим

Од бројот на Седумдесеттемина апостоли. Аристарх беше епископ во Апамија Сириска. Апостолот Павле го спомнува неколкупати (Дела 19, 29; Колосјани 4, 10; Филимон 23). Во Ефес беше фатен од толпата заедно со Гај. Тој народ тогаш се беше кренал против Св. апостол Павле. Павле им пишува на Колосјаните: „Ве поздравува Аристарх којшто е со мене во ропство“. Во Посланието до Филимон Павле го нарекува Аристарх свој помошник, заедно со Марко, Димас и Лука. Пуд беше угледен римски граѓанин. Апостолот Павле го спомнува еднаш (II Тимотеј 4, 21). Домот на Пуд најпрво беше засолниште за врховните апостоли, а потоа се претвори во црква, наречена Пастирска. Трофим беше од Азија (Дела 20, 4) и го придружуваше Св. апостол Павле на патувањата. На едно место Павле пишува: „Трофим го оставив во Милет болен“ (II Тимотеј 4, 20). За времето на гонењата од Нерон, кога беше убиен Св. апостол Павле, беа убиени и овие тројца славни апостоли.

Тропар
Патот кон Бога преку вашите стапки е посведочен, о апостоли свети Христови, сотрудници на Павле, помошници на Петар великите, молете се за нас Аристархе, Пуде и Трофиме, верата чиста да ја запазиме, и вратата на бесмртноста да се отвори по вашите свети молитви.

Светиот маченик Сава Готски

Во готските краишта имаше сурово гонење на христијаните. Еден готски кнез дојде во селото каде што живееше благочестивиот Сава и ги запраша селаните има ли во нивното село христијани. Тие му се колнеа дека нема ниеден. Тогаш Сава застана пред кнезот и рече: „Никој нека не се колне за мене, зашто јас сум христијанин.“ Кога го виде беден и сиромав, кнезот го пушти во мир велејќи: „Од тебе нема ни полза ни штета“. Другата година на Воскресение дојде еден свештеник Сансал во тоа село и ја отпразнува светлата Пасха заедно со Сава. Слушнаа за тоа незнабожците, па ненадејно го нападнаа домот на Сава и почнаа немилосрдно со стапови да ги бијат Божјите угодници. Сава пак, го соблекоа гол и го влечеа по трњето, а потоа двајцата ги врзаа за дрво и им нудеа месо од идолските жртви. Но сеќавајќи се на апостолските зборови Божјите луѓе одбија да јадат од скверните ѓаволски жртви. Најпосле кнезот го осуди Сава на смрт и им го предаде на војниците. Преполнет со радост Сава тргна на губилиштето фалејќи Го Бога. Кога го видоа дека е добар човек, војниците патем посакаа да го пуштат, но тој многу се нажали и им зборуваше дека тие се должни да ја исполнат заповедта на својот кнез. Тогаш војниците го одведоа до една река, му врзаа камен на вратот и го фрлија во водата. Неговото тело беше исфрлено на брегот. Подоцна, во времето на царот Валент, војувајќи со Готите грчкиот војвода Јуниј Соранос го најде телото на Свети Сава и го пренесе во Кападокија. Свети Сава пострада во триесет и првата година од животот, во 372 година.

Светите маченички Василиса и Анастасија

Две благочестиви римјанки. Во времето на царот Нерон ги собираа телата на убиените апостолски ученици и чесно ги погребуваа. За ова беа обвинети и фрлени во затвор, а после долги мачења, во кои им ги отсекоа јазиците и градите, ги обезглавија.

Тропар
Големи се круните маченички ваши, о Анастасија и Василица, вие кои Христовите деца ги љубевте и заклон за нивните тела подготвивте. Од Спасителот не само вечност, туку и прослава во вековите добивте, а за нас милост измолувате, кои го чествуваме светиот ваш спомен.

27.04.2022 - 22:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега