Колев: Инвеститорот своеволно почнал со уривање без одобрение

Утврден е пропуст во текот на постапката за добивање одобрение за отстранување на постоечки објект, односно по доставеното барање од  инвеститорот тоа не е издадено од Општината поради чекање на потребните согласности, а самиот своеволно почнал со урување без да добие одобрение. Тоа го наведува во соопштение  градоначалникот на Велес Марко Колев, во однос на настанот во минатиот петок кога се сруши дел од зградата на Работнички универзитет „Благој Страчковски“, лоцирана веднаш до објектот каде се вршеле работи за уривање.

Тој  информира   дека вчера  заедно со сите надлежни институции, Министерството за внатрешни работи, Јавно обвинителство, Територијалната противпожарна единица Велес, градежен инспектор и општински служби веднаш излегле на терен за констатирање на фактичката состојба.

-Изминатиот викенд вклучувајќи го и денешниот ден службите на Општина Велес вршеа увид во целокупната постапка за добивање одобрение за градба, каде е констатирано дека се запазени сите правни процедури. Утврден е пропуст во текот на постапката за добивање на одобрение за отстранување на постоечки објект, односно по доставеното барање од страна на инвеститорот истото не е издадено од Општината поради чекање на потребните согласности, а самиот своеволно отпочнал со рушење без да добие одобрение, појасни Колев.

Со оглед на оваа констатирана состојба, како што дополни, закажана е средба со инвеститорот, изведувачот и надзорот, на која согласно со насоките од службите ќе се задолжат за преземање на конкретни чекори.

-Воедно, МВР и Јавното обвинителство согласно потпишаниот записник ќе покренат соодветни постапки за утврдување на одговорноста, најави градоначалникот Колев.

Објектот на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“во Велес  е во сопственост на државата, поради што, како што рече Колев,  се чека на насоки од страна на Државно правобранителство за понатамошно постапување.Воедно, со цел спречување на поголема катастрофа, Општина Велес во соработка со МВР ќе воспостави времен режим на сообраќај во овој дел од градот.

Дополнително, со Територијалната противпожарна единица Велес се преземаат сите потребни дејствија за вадење на опремата на универзитетот и испитниот центар, како и обезбедување простор за нивно непречено функционирање.

-Изминатите денови во јавноста се пласираа бројни неточни информации, поради што упатувам апел до сите политички партии и засегнати страни да не ја користат оваа несреќа за лични интереси и дневно политички цели, потенцира Колев.

Целта, укажува градоначлникот, е заедничка, расветлување на случајот и преземање конкретни дејствија. -Безбедноста на граѓаните е приоритет и ничија одговорност нема да биде амнестирана, поради што се преземени сите чекори од она што е моја надлежност како градоначалник на Општина Велес, најави Колев

Тој потенцира дека за среќа се помина без човечки жртви, само со причинета материјална штета и апелира за професионалност и непристрасност во текот на постапката, потенцира градоначалникот Колев.

На  последната седница на Советот на Општина Велес, во четвртокот, ден пред несреќата, говорејќи за отстранувањето на старата зграда на театарот, градоначалникот Колев изрази стравување дека може нешто да се случи со зградата на Работничкиот универзитет.

–Бев да видам како се изведуваат работите на дислокација на главниот колектор кој минува под пазарот. Бев фрапиран од ископаноста на земјата, на објектот, куќата која е срушена на ќошето и се молам да не се сруши Работнички универзитет, чија зграда е до него. Таму има издадено одобрение за градба. Работевме, се вадеше вода, за да не се поткопа Работнички универзитет, посочи тогаш Колев.

21.06.2022 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега