Ковачевски: Донесовме тешки одлуки кои се исправни, ЕУ има обврска да го исполни ветеното

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во интервју за ТВ „Сител“, истакна дека како држава и како граѓани имаме направено многу за да дојдеме до датумот за почеток на преговорите.
„Имаме донесено тешки одлуки кои што се исправни и стратешки и ЕУ има обврска да го исполни своето ветување за отворање на пристапни преговори со Република Северна Македонија. Ние знаеме дека одлуките во ЕУ се носат со консензус, што значи дека сите земји членки треба да ја договорат и да ја одобрат преговарачката рамка за секоја држава, па така и за нашата држава“, истакна премиерот Ковачевски.
Тој подвлече дека секогаш бил оптимист дека Република Северна Македонија во скоро време ќе ги отпочне пристапните преговори со ЕУ,  но дека врзувањето со конкретни датуми  го оценува како неблагодарно, затоа што решавањето на овој проблем не зависи од едната страна.
„Ова значи дека како што ние сме изградиле консензус во владејачката коалиција и во општеството, дека сакаме да бидеме дел од ЕУ врз основа на европски вредности, врз основа на сочувување на достоинството на нашите институции, на нашите граѓани, исто така и Република Бугарија треба да изгради свој став дека сакаат да имаат соседна држава која што ќе биде и треба да биде членка на ЕУ“, истакна Ковачевски.
Премиерот во интервјуто  за „ТВ Сител“ оцени дека членството во ЕУ останува наша носечка стратешка заложба имајќи предвид дека сме држава во која што 45% од законодавството е усогласено со законодавството на ЕУ,  скоро 80 % од нашата надворешна трговска размена е со ЕУ, странските директни инвестиции во најголем дел се од земјите на ЕУ, како и најголемиот дел од размената на работната сила.
Ковачевски заклучи дека независно од бугарското вето, разговорите ќе продолжат и тие разговори мора да се базираат на европски вредности, на меѓусебна почит помеѓу политичарите, помеѓу институциите и граѓаните на обете држави.
„Доколку се придржуваме до тие вредности, кои што се европски вредности, доколку се придржуваме до принципите на почит и на достоинство, тогаш верувам дека може да се дојде до решение кое што ќе претставува фундамент за добри меѓусоседски односи, меѓутоа и за брз напредок на државата во преговорите со ЕУ“, подвлече Премиерот.
09.05.2022 - 20:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега