Ковачевски: Ова ќе биде тешка економска година, но заедно ќе ја пребродиме

Премиерот Димитар Ковачевски преку видео обраќање објавено на социјалната мрежа Фејсбук порача дека Владата за само 50 дена покажала оти може и умее да се справи со предизвиците. Вели дека уште на самиот старт на неговиот мандат кажал оти ова ќе биде година полна со предизвици.

-Живееме во време на огромна светска економска криза која е последица од војната во Украина. Економските текови се неизвесни и ќе зависат од развојот на настаните, но ние мора да бидеме подготвени и да планираме како ќе го премостиме овој бурен период, вели Ковачевски.

Рече дека Владата со повеќе мерки ги ублажува економските последици кои произлегоа од руската инвазија врз Украина.

-Силно ги субвенционираме граѓаните за електрична енергија, го решивме проблемот со затоплување во Скопје, ги поддржавме финансиски ранливите категории на граѓани за струја и купување основни производи, а преку низа мерки ги одржуваме цените на основните производи стабилни. Со новиот пакет 26 мерки, 400 милиони евра од Буџетот насочуваме за поддршка на граѓаните и компаниите. Покрај сите овие кризни мерки, ја покачивме и минималната плата на 18.000 денари и имаме рекордно покачување на пензиите како и финансиска поддршка за пензионерите, рече Ковачевски.

Вели дека е свесен оти за никој нема да биде лесно и им порача на сите државни функционери одговорно да ги трошат парите во Буџетите на јавните институции.

-Нема да има разбирање и оправдување за ниеден функционер кој неодговорно ќе го троши буџетот со кој располага. Истовремено, сакам да им порачам на граѓаните и на компаниите дека секој има одговорност за рационално користење на енергетските ресурси во време на голема енергетска крриза. Ова ќе биде тешка економска година, но силно верувам дека заедно ќе ја пребродиме, вели премиерот.

 

12.03.2022 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега