Ковачки објави документ: Петровска и семејството се со пријавено живеалиште во луксузната хациенда со базен

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки ја обвини министерката Славјанка Петровска дека крие луксузна хациенда со базен во Радишани.

Тој рече дека Петровска лажела дека не поседува луксузна хациенда со базен.

„ Тоа го демантиравме со евидентен лист од Агенцијата за Катастар на недвижности, од кој јасно се гледа дека таа е прибележана како сопственик на таа хациенда. Денес ќе презентираме нови несоборливи докази, од кои е јасно дека луксузната хациенда со базен е сопственост на Петровска и на нејзиното семејство.

Ова е сметка за вода за хациендата со базен на Петровска. Како лице на кое се води водомерот на тој објект е назначен Љупчо Петровски, татко на Славјанка Петровска. Од оваа сметка се гледа дека семејството Петровски ја користи луксузната хациенда како свое живеалиште или едно од објектите во кој тие престојуваат.Адресата на хациендата со базен на Славјанка Петровска е и адресата која според нашите сознанија е место на живеење по лична карта на министерката. Ако таа тврди дека не е така, нека ја покаже личната карта на увид на јавноста“ изјави Ковачки.

Тој додаде дека Петровска на последните избори гласала на избирачкото место на кое гласаат жителите на Радишанска од реонот во кој се наоѓа хациендата со базен.

„ Повеќе од јасно е дека хациендата е живеалиште на Петровска по документи која истите ги има во институциите. Нејасно е само зошто крие од јавноста? И дали една од причините е затоа што луксузната хациенда со базен е дивоградба? Петровска да не бега од одговорност“ порача Ковачки.

Според него Петровска е фатена во лага и веднаш да си даде оставка од позицијата Министер за одбрана. Личност која крие имот, а во исто време е во посед на дивоградба не смее да извршува таква одговорна функција, рече Ковачки.

Тој ги повикува институциите да отворат постапка за Петровска.

22.11.2022 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега