Кривичен суд: Доколку Рашковски ја злоупотреби дозволата за излегување ќе му се одреди притвор

Поранешниот генерален секретар на Владата доставил лекарска документација по што му било дозволено да оди на лекарски прегледи, велат од Кривичниот суд за „Фокус“.

-Основниот кривичен суд Скопје, по добиено барање и доставена медицинска документација за закажани лекарски прегледи и специјалистички упат за лекарска интервенција, а согласно одредбите од ЗКП и Правилникот за куќен ред за извршување на мерките притвор, има издадено дозвола со конкретно определени денови и конкретно определен временски рок во текот на денот, кога на осомничениот Д.Р. му се дозволува извршување напрегледите и интервенцијата. Дозволата е издадена со предупредување дека при евентулани злоупотреби, односно доколку по извршување на прегледите и интервенцијата во Здравствената установа и клиниката која ја издала документацијата, осомничениот не се врати во својот дом, ќе му се определи мерка притвор, е одговорот кој порталот го добил од Судот.

Претходно, од полицијата соопштија дека ваква дозвола на Рашковски може да му се даде со решение од судот.

„Д.Р. има дозвола од Основен кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот, освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот, Д.Р. ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д.Р. ја почитувал мерката која му е изречена“, велат од МВР.

Премиерот, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека не знае повеќе детали од тоа што институциите го кажале.

Заев го повтори ставот на МВР, посочувајќи дека Рашковски имал точно определен дел од денот кога смее да излегува.

„Соопштија правосудните органи и МВР дека има дозвола од суд во точен период кога да оди на лекар и тоа го прочитав од медиумите. Ниту знам зошто е виден да оди слободно или не, знам дека има точно превидено со решение од судот кога да оди на лекар, заради здравствени потреби, точно колку пати во неделата, кој дел од денот итн“, рече Заев.

16.09.2021 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега