Левица поднесе кривична пријава против министерот Спасовски

Политичката партија Левица поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради тоа што, како што тврди партијата на Димитар Апасиев, ја злоупотребил својата службена положба со промената на софтверот за издавање лични карти.

„Станува збор за кривично дело казниво по член 353 од Кривичниот законик и за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до три години. Пријавениот се терети дека во својство на службено лице не го испочитувал текстот на законот и притоа свесно, злонамерно и противзаконски дозволил и овозможил промена на софтверот – системот за издавање на личните карти во МВР уште во јуни 2021 година. Со ова била извршена неповратна промена на податоците и содржината на обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, пред да бидат донесени било какви измени на Законот за личната карта, со кои би се промениле податоците и содржината на наведените обрасци“, се вели во соопштението на Левица.

Таму е наведено дека на овој начин, со своето свесно и комисивно деликтно дејствие, министерот Спасовски намерно и со предумисла извршил промена на содржината на податоците впишани во обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, иако знаел и бил должен да знае дека наведената материја согласно Уставот претставува „materia legis“, утврдена единствено со Законот за личната карта.

„Пријавениот постапил спротивно на начелата на законитост, професионална етика, непристрасност и објективност и економично користење на средствата предвидени во Законот за внатрешни работи. Очекуваме надлежното ОЈО – Скопје, да ги земе предвид издржаните факти и докази наведени во кривичната пријава и, по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер за внатрешни работи“, соопшти Левица.

01.09.2021 - 11:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега