Маричиќ: Европската перспектива на регионот е реална и предвидлива, нашата крајна цел е да ја донесеме Европа дома

Очигледно е дека Западен Балкан го има вниманието на Европската Унија, што секако е позитивна порака, дека европската перспектива на регионот е реална и предвидлива. Одлучни сме да го постигнеме посакуваниот напредок на патот кон членството во ЕУ и процесот на преговори да ги изведеме квалитетно и брзо. Нашата крајна цел е да ја донесеме Европа дома за да ја живееме Европа, а не само да зборуваме и да се надеваме на неа, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој во своето видео обраќање за време на денешниот Скопски Економски Форум, организиран од Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација, напомена дека јасната европска перспектива со точни и предвидливи датуми ќе делува како катализатор, и ќе ни биде поттик брзо да ги спроведеме реформите, или фигуративно кажано - да понудиме навремени и квалитетни решенија за нашите обврски и задачи кон ЕУ.

-Руската агресија врз Украина беше аларм за Европската Унија, дека мора јасно и прецизно да ја деифинира својата стратешка политика и да направи план за европската перспектива на нашиот регион. Сериозните последици што Руската агресија врз Украина ги предизвика на Балканот бараат поголем ангажман од страна на Европската Унија во регионот, а од нас потврда дека сме на иста страна и на иста линија со нашиот стратешки партнер Европската Унија и дека сме кредибилен партнер на Унијата во заштитата на европските вредности, мирот и стабилноста, рече Маричиќ.

Она што е неопходно, според Маричиќ, е испраќање сигнал дека Европската Унија останува и понатаму да ја има водечката улога на овие простори. Тоа, како што рече, веќе се направи со одржувањето на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Тирана.

-Унијата ја потврди посветеноста и најави натамошен зголемен политички ангажман во нашиот регион. Ова е особено важно во време кога довербата кај граѓаните од државите на Западен Балкан за процесот на евроинтеграциите значително опаѓа, првенствено поради ставањето на страна на регионот и долгото чекање пред вратите на ЕУ. Балканот е на реформскиот пат, посветен е на трансформацијата на општествата, но она што очекуваме е план за членството во ЕУ, додаде Маричиќ.

Тој додаде дека со ЕУ ја делиме одговорноста и европските вредности и потенцираше дека како стратешки партнери заеднички ќе одговориме на сите надворешни влијанија, обезбедувајќи континуирана политика на проширување и обединување на Западен Балкан со ЕУ.

01.03.2023 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега