Маричиќ не се надева на чудо: Ова е голем неуспех за ЕУ

Министерот за правда, Бојан Маричиќ истакна дека не треба да се надеваме на чуда и дека е јасен правецот на одлуката и тешко дека ќе може да се донесе одлука за одржувањето на првата меѓувладина конференција.

Тој во гостувањето на ТВ 24 рече дека Македонија направила сѐ за почеток на преговорите.

– Не би требало да се надеваме на чуда овојпат. Мислам дека е јасен правецот на движење на одлуката дека тешко дека ќе може да се донесе одлука за првата меѓувладина конференција овојпат. Тоа е големо разочарување за секој македонски граѓанин, тоа е големо разочарување за Владата, но е и голем неуспех на Европската унија и нивната политика на Западен Балкан. Она што е добро е што 26 членки, по нашите информации од Советот за општи прашања, силно изразиле негодување за позицијата на Бугарија, испратиле порака дека е навистина време ЕУ да испорача и да ги почнеме преговорите бидејќи овојпат се работи и за Северна Македонија и за Албанија. Ние направивме сѐ, тоа е навистина така. Имаше интензивна дипломатска активност, но во Софија немаше расположение да се крене рампата во овој момент. Во таа смисла, нам совеста ни е чиста, вели Маричиќ.

На прашањето колку Европа си најде алиби во софиското вето на Македонија, Маричиќ смета дека не се работи за затскривање зад Бугарија затоа што сите евроскептици од државите-членки на ЕУ веќе ги изнесоа своите скепси и нивните негодувања биле пресретнати.

– Очекувањата на Франција да има нова методологија беа исполнети, очекувањата на Холандија да има добри извештаи за владеењето на правото беа исполнети. Така што, сите оние кои инсистираа на негодувања, овојпат навистина се на наша страна, вели Маричиќ.

Од друга страна, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата на премиерот Зоран Заев направила сѐ за да ги урниса македонските позиции и државата.

– Соочени сме со секојдневни блокади, со нови услови. Позицијата и те како е влошена, не само што има блокада од Бугарија, има најава и за нератификување на меморандуми од Грција. Во меѓувреме нашите неразбрани трговци ги избришаа сите црвени линии, Македонија е како никогаш до сега поразена и опљачкана, а Европа не сака да почне преговори со најкорумпираната влада. Колку за илустрација 18 години Транспаренси ја следи Македонија и во 2010 година, земјава е на 67 место, на 64 место во 2014 сега во моментов сме најлоши. Сега Македонија во моментов е една земја неподготвена земја за преговори, забаталена, ништо не се случува, се цедат граѓаните преку низа на давачки, смета Ѓорчев.

 

23.06.2021 - 19:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега