Меѓаши: Османи да не ги штипка децата на Авганистанците

Првата детска амбасада „Меѓаши“ му забележа на министерот за надворешни работи Бујар Османи за штипкањето на децата на Авганистанците, кои допатуваа пред два дена во Скопје на привремен престој поради состојбата во Авганистан.

„Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран со тоа дете, може да се смета за кампања. Бараме посочените видеа и фотографии под итно да се повлечат. Крајно време е политичарите кои ги злоупотребуваат децата за политички цели да сносат одговорност. Политичките партии и политичките фигури не успеваат целосно да разберат што е најдобар интерес на детето. Тие и понатаму ги користат децата на најразлични начини за добивање политички поени. Дури и во случаи кога се работи за директна заштита или помош на деца, фокусот постојaно треба да биде на она што е потребно да се направи за децата, како и на причините зошто тие деца се наоѓаат во таква тешка ситуација, а не на самите политичари или институции кои помагаат, а тоа впрочем им е и должност“, соопшти „Меѓаши“.

Оттаму апелираат сите ние да се трудиме да го штитиме идентитетот на децата.

„За жал, најчесто се работи за обиди преку фотографии со деца да се прави сопствена политичка промоција или промоција на сопствената политичка партија. Затоа, политичарите не треба да ги штипкаат децата, да се сликаат со нив и да им делат подароци пред камерите или да сечат ленти со децата, туку треба сериозно да работат на проблемите кои ги засегаат децата, да го изнесуваат своето мислење и гласно да поставуваат прашања што ја засегаат оваа ранлива група. Да потсетиме дека со години во континуитет повеќе политичари и политичарки се фотографираа со деца или политичките партии подготвуваа видеа во кои децата се главни ликови, а најскорешен настан беше пречекот на децата од Авганистан. Министерот Османи наместо да се фотографира со децата, да ги штипка и да им дели подароци, ќе ценевме ако соопштеше каква грижа е обезбедена за тие деца“, се вели во реакцијата на „Меѓаши“.

Слична реакција пристигна и од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, од каде што обвинуваат дека потегот на министерот за надворешни работи претставува потег за лична промоција на социјалните мрежи.

„Објавувањето на фотографиите и на видеата на децата и политички персекутираните фамилии претставува суров начин на злоупотреба на човечки несреќи, посебно на децата. Исто така, ова претставува и загрозување на безбедноста на животите на авганистанските политичките дисиденти. За да биде иронијата уште поголема, многу од медиумските претставници пријавија дека биле спречени од страната на Кабинетот на Османи за да го следат овој настан. Образложението било дека деца се во прашање и дека нивни слики не смеат да се објавуваат. Ова уште еднаш го докажува трагичното ниво на кое спаднале функционерите на ДУИ поради стравот од губење на локалните избори и дека тие не бираат методи само за да придобијат некој глас повеќе“, реагираше Алијанса за Албанците.

01.09.2021 - 14:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега