Министерката Петровска од брифингот за вежбата „Swift Response 22“: Ова е комплексна вежба на која ги покажуваме сите наши способности и капацитети

Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј денеска на „Криволак“ присуствуваа на брифинг за претставниците на медиумите на кој тие беа детално информирани за целта и за активностите за време на вежбата „Swift Response 22“, која се реализира на армискиот полигон „Криволак“.

 

Во изјавата по денешниот брифинг министерката Петровска истакна дека станува збор за една од најголемите вежби која синхронизирано се изведува на неколку локации во различни земји од Алијансата. Во Република Северна Македонија, вежбата вклучува 4.600 војници и таа веќе е во тек на армискиот полигон „Криволак“.

 

Целата на оваа вежба, истакна министерката Петровска, е развојот на капацитетите на армиските припадници како и етаблирањето на „Криволак“ како тренинг центар со огромен капацитет и можности за извежбување.

 

„На ваков тип на комплексни вежби кои ги изведуваме заедно со сојузниците ја покажуваме нејзината подготвеност, нивото на интероперабилност, но се разбира и начинот на кој што се соработува со останатите армии во рамките на НАТО алијансата. Вториот аспект кој е значаен за нас како држава, е да ги покажеме капацитетите и способностите на тренинг  центарот ‘Криволак’“, рече министерката Петровска.

 

Таа истакна дека полигонот е од исклучително значење за Армијата,  и затоа Министерството за одбрана со поддршка на нашите стратешки партнери, особено, Велика Британија и САД инвестира во негово опремување и модернизација.

 

Британската амбасадорка Галовеј истакна дека оваа вежба ќе ја покаже колективната подготвеност и способност и дека ќе ја прикаже трансатлантската врска која ја направи НАТО – Алијансата најсилната алијанса во модерната историја. Галовеј информираше дека Обединетото Кралство во оваа вежба учествува со 1.800 падобранци, за кои рече дека се способни, високо обучени, добро опремени и дека сакаат да извежбуваат на полигонот „Криволак“ кој нуди уникатни услови за вежбање.

 

Од брифингот министерката Петровска упати и повик до граѓаните на Скопје и на Северна Македонија да го посетат Отворениот ден за воздухоплови, кој ќе се реализира на осми мај, во недела на спортскиот аеродром „Стенковец“, каде ќе бидат прикажани дел од хеликоптерите кои се користат на вежбата, а ќе бидат извршени и прелети на авионите А-10 и Ф-16.

 

Северна Македонија е домаќин на вежбата „Swift Response 22“ која се реализира во периодот од 2 до 20 мај. На вежбата учествуваат околу 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија, Грција и Северна Македонија.

06.05.2022 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега