МВР: Мирна новогодишна ноќ на територијата на цела држава

На територијата на државата новогодишната ноќ помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, соопшти Министерството за внатрешни работи.

За време на новогодишната ноќ регистрирано е намалување на бројот на кривичните дела на територијата на цела држава, приведени се вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки. Во текот на новогодишната ноќ се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.

-На подрачјето на СВР Скопје бележиме намалување на бројот на кривичните дела за разлика од минатата година, односно вкупно четири, и тоа по едно насилство, разбојништво, тешка кражба и нарушување на неповредливоста на домот, пет лица се приведени заради нарушен јавен ред и мир и сомнение за кражба. Регистрирани се осум нарушувања на јавниот ред и мир, од кои три физички напади, една физичка пресметка и два прекршока со карање, викање и непристојно однесување. На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се „тешка кражба“, „кражба“ и „неовластено пукање со огнено оружје“, од слобода се лишени две лица, од прекршоци регистрирани се четири нарушувања на јавниот ред и мир. На подрачјето на СВР Битола регистриран е напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, 10 возила се исклучени од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, едно лице е лишено од слобода, се вели во дописот од МВР. 

Мирна новогодишна ноќ имавме и на подрачјето на СВР Штип, регистриран е нарушен јавен ред и мир од страна на малолетни лица на подрачјето на Свети Николе и еден во угостителски објект во Кочани.

- На подрачјето на СВР Куманово регистрирани се три  нарушувања на јавниот ред и мир и кривични дела „насилство“ и „залутано зрно“. На подрачјето на СВР Струмица регистрирани се две кривични дела, и тоа кражба и оштетување на туѓи предмети, и еден прекршок за „лажно пријавување“. На подрачјето на СВР Тетово констатирани се едно кривично дело „насилство“ и три прекршоци за нарушен јавен ред и мир, а приведени се пет лица. На подрачјето на СВР Велес не се констатирани кривични дела, ниту прекршоци против јавниот ред и мир. Според информациите од кризниот штаб на подрачјето на Гевгелија откриени се 11 лица мигранти од кои 9 од Пакистан и две лица мигранти од Авганистан и сите се пренесени во Транзитниот центар Винојуг за понатамошна постапка. При извршени контроли на патнички возила констатирани се 125 прекршоци, од кои осум за неносење заштитна маска и 117 сообраќајни прекршоци, велат од МВР.

01.01.2022 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега