На 8 Март, во Собранието прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја закажа 107. седница на законодавниот дом, која е прва пленарна седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост, соопшти собраниската прес-служба.

Седницата ќе се одржи на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, а точка на дневен ред е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија. По однос на Информацијата, ќе говори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а збор ќе земат и неколку актуелни пратенички.

На крајот од пленарната седница планирано е е да бидат донесени неколку заклучоци. Седницата ќе се одржи во сала ,„Македонија“, а поради присуството на повеќе гости, ќе биде следена и од салата “Голема купола“.

Како гости, во Собранието се поканети министерките во Владата на Република Северна Македонија, заменик-министерки, претставници на дипломатскиот кор и на домашни и на меѓународни невладини организации, со акцент на НДИ, ОБСЕ и UN Women, кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од формирањето во 2003 до денес.

Покани за присуство се испратени и до поранешни министерки во Владата, како и до поранешните пратенички во периодот од 2003 година, односно почнувајќи од четвртиот состав на Собранието (2002 – 2006 година), заклучно со претходниот состав (2016-2020 година). Тие ќе може да ја следат седницата во салата „Голема купола“.

Првата тематска седница посветена на родовата еднаквост се одржува на 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички.

Во чест на овој јубилеј по завршувањето на пленарната седница во Кристална сала е планирана и пригодна свеченост на која ќе бидат доделени благодарници на поранешните претседателки на Клубот на пратенички, на организациите кои дале иницијатива и учествувале во основањето на Клубот и на неколку меѓународни организации, информира прес-службата на Собранието.

06.03.2023 - 12:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега