Вардар се спаси од пораз на гостувањето кај Монпеље

Ракометарите на Вардар иако се наоѓаа пред првиот пораз сезонава, во Лигата на шампионите успеаја да се вратат од минус четири во последните шест минути и да освојат бод на гостувањето кај Монпеље.
 
Овој бод може да биде многу значаен во борбата за едно од првите две места во групата кои обезбедуваат полесен противник во следната фаза. 
 
Францускиот претставник од финишот на првото полувреме го презема водството и постојано го одржуваше се до пред крајот кога во последната минута Игор Карачиќ изедначи и ги постави конечните 34:34. Во последниот напад Монпеље се обиде да дојде до двата бода, но Арпад Штербик го одбрани ударот на Метју Гребиј.
 
Токму Гребиј со 11 погодоци беше најефикасен играч на натпреварот. Тимур Дибиров со девет голови и Карачиќ со осум беа најдобри кај „црвено-црните“.
 
По овој исход, Вардар веќе не е лидер, но останува непоразен во групата Ц и со големи шанси за висок пласман.
 
Табела: Веспрем 8 бодови, Вардар 7, Монпеље 3, Рајн Некар 2 (натпревар помалку), Цеље 2, Чеховски Медведи 0 (натпревар помалку).
 
Во Лигата на шампионите следува едномесечна пауза за репрезентативни настапи, а следниот дуел Вардар ќе го има со Веспрем во средината на идниот месец во Скопје. 
20.10.2014 - 10:31


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега