МЗТ Скопје: Раководството на Работнички го води клубот во пропаст

Раководството на МЗТ Скопје преку соопштение за јавноста го изрази своето жалење за случувањата на синоќешното дерби со Работнички и при тоа ја обвини управата на клубот од „Градски парк“ дека го води клубот во пропаст.

Во соопштението на македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром причините за ваквиот развој на настаните се одбивањето од страна на Работнички натпреварот да се игра во СЦ Борис Трајковски, како и постојаниот притисок со плукање и фрлање предмети од страна на домашните навивачи.

Соопштението на МЗТ Скопје Аеродром го пренесуваме во целост:

Прекин на дербито помеѓу вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје Аеродром можеби е и најнормална и редовна практика во досегашните дуели, но да не се доигра е случај кој е многу редок и немил настан во кој губат сите, а највеќе спортската јавност. Ионака лишени од можноста овој дуел да се следи во живо, бидејќи немаше ниеден билет во слободна продажба, јавноста беше приморана и преку малите екрани да го следи циркусот кој се случуваше во Градски Парк.  Во ситуација кога во главниот град се изградија два сосема солидни спортски објекти, македонската кошаркарска јавност беше оневозможена да биде дел од натпреварот со најголема градска традиција, натпревар кој со нетрпение го очекуваа сите вљубеници во спортот, натпревар кој требаше да биде празник на кошарката.

И кога би се навратиле само неколку години наназад МЗТ прифаќаше натпреварите против Работнички да ги игра во Борис Трајковски, без разлика што имаше сопствен дом, во кој со сигурност шансите за победа би биле далеку поголеми. Но МЗТ не одеше на карта сигурна победа, туку за промоција на кошарката и развој на спортот во Македонија. МЗТ Скопје и сега беше иницијатор натпреварите да се одиграат во двата најголеми спортски објекти кои и регионално се во двата различни дела на градот. Совршени услови за беспрекорен натпревар можеа да се обезбедат со најмала шанса за прекин или притисок кон играчите или судиите

За сето ова да не се случи, а да се задоволат некои тесно клупски интереси, управата на Работнички не дозволи натпреварот да се одигра во спортскиот центар Борис Трајковски со образложение дека имаат свој дом.  Овој дом не ги задоволува минималните услови за едно вакво дерби. Поради огромната желба за победа на својот тим, судиите и гостинските играчи беа под постојан притисок од навивачите кои беа на половина метар од нив. По неколку опомени истите продолжуваа до конечна одлука на судиите, навивачите кои фрлаа предмети и плукаа по судиите да ги напуштат трибините. Домашните  играчи решија да се солидаризираат со своите фанови па и тие го напуштија паркетот за сето ова да биде уште подраматично. Секако овој прекин најмалку ни одеше во прилог нам, МЗТ, кој конечно фати ритам по слабиот старт и сигурно делуваше во продолжетокот од натпреварот.

За да не се случи никакво изненадување, Работнички реши да остане во соблекувалните и да не го доигра мечот. Прекинете со изговорите дека МЗТ мораше да победи, бидејќи МЗТ остана на терен и ја чекаше одлуката без никаков притисок кон никого. Работнички и нивната управа одлучија да се повлечат од паркетот, а потоа да ги соберат сите топки и да исклучат светла. Потег кој не доликува на клуб кој сака да се врати на правите патеки, а никако не успева. Е па драги функционери од најтрофејниот кошаркарски клуб, вашиот дом и вашите непромислени одлуки ќе ја закопаат кошарката во Македонија. Проблемот барајте го вашата лоша организација, и во сопствената гарнитура која го води клубот, на овој начин, само во пропаст, се вели во соопштението на МЗТ.

06.11.2014 - 10:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега