Работнички исфрлен во Третата лига!

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб ќе игра во Третата лига, поточно во најнискиот ранг на натпреварување како резултат на напуштањето на теренот во мечот со МЗТ Скопје Аеродром. Аеродрмците го добија дербито со службени 20-0, и покрај тоа што губеа со 51-35. 

Ова беше одлуката на комесарот на МКФ по скандалот што се случи во „Градски парк“.

Комесарот за натпреварување при МКФ, Бобан Јосифовски, на денешната седница на Здружението на прволигаши, на која скандалозно беа избркани новинарите, ги изрече казните за натпреварот помеѓу КК Работнички и КК МЗТ Скопје Аеродром, кој се играше на 5 ноември 2014 година. Тие се веќе објавени на сајтот на МКФ, а најтрофејниот клуб Работнички е исфрлен во Третата лига.

Има и други казни, кои ги пренесуваме во целост.

- Екипата на КК Работнички се казнува за фрлање на чадна направа на терен по член 50.10. со парична казна во износ од 10.000 денари.
- Екипата на КК Работнички се казнува за фрлање на тврди предмети на терен по член 54.3. со парична казна во износ од 10.000 денари.
- Екипата на КК Работнички се казнува за плукање на службени лица по член 54.5. со парична казна во износ од 10.000 денари.
- Екипата на КК МЗТ Скопје Аеродром се казнува за фрлање на експлозивни направи по член 54.10. со парична казна во износ од 10.000 денари.
- Екипата на КК МЗТ Скопје Аеродром се казнува за фрлање на меки предмети по член 54.2. со парична казна во износ од 4.000 денари.
- Екипата на КК МЗТ Скопје Аеродром се казнува за фрлање на тврди предмети по член 54.3. со парична казна во износ од 10.000 денари.
- Натпреварот КК Работнички – КК МЗТ Скопје Аеродром се регистрира со службен резултат 0-20 во корист на екипата на КК МЗТ Скопје Аеродром, а екипата на КК Работнички не добива бод предвиден за пораз (Член 60.9. од Пропозиции за натпреварување).
- Екипата на КК Работнички бидејќи самоволно го напуштила теренот и не се вратила на повик на Првиот судија, се исклучува од тековното натпреварување и во следната сезона се префрла во најнизок степен на натпреварување (Член 60.11. од Пропозиции за натпреварување).

Претставникот на КК Работнички најави дека клубот ќе достави жалба до Арбитражната комисија на МКФ, за одлуката на Комесарот. Истовремено, клубовите членки на Здружението на прволигаши едногласно се произнесоа дека не се за исфрлање на Работнички во Третата лига и побараа нивниот став да се достави до Арбитражната комисија на МКФ.

07.11.2014 - 18:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега