Против Словачка со храбра и дисциплинирана игра

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Бошко Ѓуровски на само два дена до дуелот со Словачка вели дека „рисовите“ со храбра и дисциплинирана игра ќе се обидат да го изненадат фаворизираниот противникот.

- Иако натпреварот е многу важен, нашиот пристап треба да биде како и за секоја друга пресметка. Да се обидеме да го наметнеме нашиот стил, да ги повториме добрите работи во офанзивниот дел од натпреварот со Украина, но да постигнеме гол и да одиграме паметно и дисциплинирано во одбраната. Секогаш сум оптимист. И јас и играчите го знаеме квалитетот на Словачка, свесни сме што не чека и ќе се потрудиме да го дадеме најдоброто од себе. Противникот е силна екипа, но зошто да не ги изненадиме, вели селекторот Бошко Ѓуровски.

Македонскиот селектор се соочува со проблеми поради отсуството на Агим Ибраими и повредата на Александар Трајковски.

- Главната задача е да ги избереме вистинските играчи, посебно тоа важи за натпреварите од овој тип каде карактерот на фудбалерот игра важна улога. Ако сакаме да успееме мора да се сложат многу коцки за да ја имаме на крајот сликата која ќе не направи горди. Многу важна е комуникацијата на играчите во одредени линии, се надевам дека ќе биде на високо ниво. Бараме брза трансформација и прилагодување на играчите во составот. Само на тој начин можеме до посакуваниот позитивен резултат, нагласува Ѓуровски.

Натпреварот Македонија – Словачка ќе се игра в сабота од 20 часот и 45 минути на Националната арена „Филип Втори“ и е во рамките на 4.коло од квалификациите за Европското првенство во Франција.

13.11.2014 - 12:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега