Катар го сака Гвардиола за селектор на Мундијалот

Фудбалскиот сојуз на Катар изрази желба да го доведе за селектор на својата репрезентација тренерот на минхенски Баерн, Пеп Гвардиола, пренесува германскиот весник „Билд’’.

Разбирлива е желбата на Катарците, особено по големиот успех на ракометарите на Мундијалот и освоеното сребро. Сега Катар се насочува кон фудбалот, а за селектор на својата репрезентација го посакува Шпанецот Гвардиола, кој ќе има задача да ја предводи оваа земја на Светското првенство во 2022 година кое ќе се одржи токму во Катар, наведува весникот.

Како што пишува „Билд’’, Фудбалската федерација на Катар располага со огромни финансиски средства, со кои ќе треба да го засили националниот тим, во обид, евентуално, да го повтори успехот ракометната репрезентација, која во најголем дел беше составена од странци.

„Билд’’ не сакајќи да го открие изворот на ваквата информација, потсетува дека Гвардиола е тесно поврзан со Катар. Имено, Шпанецот на крајот на својата играчка кариера меѓу 2003 и 2005 година настапуваше за катарскиот тим Ал Али, а воедно популарниот Пеп, беше и еден од промоторите на Катар за добивањето на организацијата на Мундијалот во 2022 година.

Актуелниот договор на 44-годишниот Гвардиола со германскиот шампион Баерн Минхен истекува следната година, а германските медиуми, веќе шпекулираат дека тој уште на крајот на оваа сезона ќе ги напушти Баварците и дека ќе преземе еден клуб во англиската Премиер лига, притоа не откривајќи го името на екипата.

Што се однесува до селекцијата на Катар, таа е далеку од врвните репрезентации, а во моментов е на 92-место на ФИФА ранг листата. Но, германските медиуми потсетуваат дека, нешто слично котираше и ракометната репрезентација на Катар, која на неодамна завршениот Мундијал, предводена од шпанскиот тренер Ривера, го освои сребрениот медал.

 

 

Оцени ја веста

04.02.2015 - 17:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега