Нашиот Даниел Кајмакоски фаворит на руската публика

Македонскиот евровизиски претставник  Даниел Кајмакоски успешно ја продолжува промотивната турнеја, овојпат со настап во руската престолнина Москва, кадешто зема учество на петтото издание на официјалната евровизиска гала забава.

 

Гала забавата во Москва се одржа на 24-ти април во концертната сала на хотелот Корстон во Москва, а учество земаа десет евровизиски претставници, но и евровизиски ѕвезди од минатите години меѓу кои членовите на бендот Здоб ши Здуб коишто за Молдавија настапија на Евровизија во 2005-тата и 2011-тата година, минатогодишните претставнички на Русија сестрите Толмашеви, Елдар од дуото Елдар и Ники коишто победија за Азербејџан во 2011-тата година, Јулија од  дуото Тату и други.

 

Ден претходно, на 23-ти април учесниците на концертот имаа средба со фановите во трговскиот центар Афи, а Даниел Кајмакоски беше еден од омилените меѓу евровизиските ѕвезди, за што сведочат дадените автограми и интервјуа. Како благодарност за укажаната поддршка и топлиот прием Даниел Кајмакоски за присутните ја испеа и „Autumn Leaves“ во акапела верзија – Александра Јовановска, шеф на прес  на македонскиот евровизиски тим.

Пред концертот беше организирана и прес конференција за сите учесници на којашто присуствуваше и руската претставничка Полина Гагарина. Настанот беше проследен не само од најзначајните руски, туку и медиуми од Белорусија и Азербејџан, што претставуваше исклучителна можност  Даниел Кајмакоски и нашата евровизиска песна да бидат забележани од голем аудиториум.

 

„Пресреќен сум што настапувам во Москва, за првпат во мојот живот сум тука, Ви благодарам на гостопримството и одличната организација. Воодушевен сум од вашиот град, Москва е прекрасна, исто и рускиот народ“ – изјави Даниел Кајмакоски.

На пресконференцијата Даниел Кајмакоски заедно со сестрите Толмашеви ја пресекоа роденденската торта и го прославија петтиот роденден на гала забавата во Москва.

 

 

Во агендата на промо турнејата на Даниел Кајмакоски следува уште едно гостување на 29-ти април во Австриската Радио Телевизија - ОРФ, којашто годинава  е задолжена за преносот на Евровизија. 

 

 

Оцени ја веста

27.04.2015 - 13:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега