За глобата во дослух со граѓаните

Собранието на Република Македонија минатата недела донесе три исклучително значајни закони, Законот за прекршоците, Законот за општата управна постапка и Законот за парничната постапка. Сите тие се носат со двотретинско мнозинство поради тоа што регулираат системски прашања. Нивното донесување беше дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и Kоалицијата за подобра Македонија, што како пример на исполнети ветувања ги прави позначајни, а принципот на политичко програмско дејствување сè повозможен.

Причините за донесување на овие закони се повеќеслојни, но пред сè се насочени кон остварувања два приоритета, едниот се барањата на граѓаните, стопанствениците и коморите, а другиот приоритет е исполнување повисоки стандарди според реперите на меѓународните институции за поволна бизнис-клима. Фактот дека овие закони се носат со двотретинско мнозинство, и фактот дека се комплексни измените во проблематиката на сите три закони, даваат образложение зошто постапката за нивното донесување траеше подолго.

Со Законот за прекршоците, кој за граѓаните веројатно е и најзначаен закон во овој пакет на измени, суштинска новина е воведување на принципот на нивелирање на санкциите во согласност со економската моќ на субјектите. Овој принцип беше ветен со предизборната програма на нашата коалиција и затоа сме посебно горди што успеавме да го исполниме тоа наше ветување. Дополнително се воведуваат и принципите на нивелирање на санкциите во согласност со досегашното поведение на стопанскиот субјект и бројот на вработени во него.

Овој закон е еден од низата закони со кои во драстично ги подобруваме условите за работа на фирмите. Да потсетам на драстичното намалување на даноците и опциите за ослободување од нив, намалување на придонесите, регулаторната гилотина, поедноставување на различни процедури и многу слични активности кои беа превземени од страна на Владата и парламентарното мнозинство. Впрочем, искачувањето за шеесетина места на скалата на Светска банка за држава поволна за водење на бизнис сигурно не е ниту случајно, ниту заради тоа што некој во Светска банка е поддржувач на ВМРО.

Во Законот за прекршоците се воведени три критериуми по кои ќе се одмерува, односно нивелира санкцијата, а кои во суштина значат драстично намалување на глобите за прекршоците за најголемиот дел од субјектите. Овде пишувам за да појаснам на сите граѓани кои ќе се интересираат за имплементацијата на законот.

Првиот критериум е вкупниот приход во претходната фискална година. Овој критериум ќе влијае на изрекување на санкцијата почнувајќи од минимални 10% од сумата на глобата, за фирмите кои остваруваат приход до максимални 500.000 денари, 20% за фирми со приход до 1.000.000 денари, 30% за фирми со приход до 3.000.000 денари, 40% за фирми со приход до 6.000.000, 50% за фирми со приход до 20.000.000 денари, 60% за фирми кои имаат приход до 100.000.000 денари, па се до максимум 70% за фирми кои остваруваат приход од над 100.000.000 денари.

Вториот критериум е просечниот број вработени врз основа на кој ќе се изрекува санкција во висина од 5% од висината на глобата за фирми кои имаат максимум 9 вработени (а такви се над 60.215 од вкупно 70 659, или над 85% од фирмите во Македонија), 10% за фирми со вкупен број на вработени до 49, 15% од глобата за фирми со вкупно најмногу 249 вработени лица, па се до 20% од пропишаната глоба за фирми со над 250 вработени.

Третиот критериум е претходното поведение на субјектот за кој критериум може да се изрече најмногу 10% од предвидената глоба, што значи дека ако претходно нема изречено санкција нема да ги плаќа овие 10%.

Сето ова значи дека изречената глоба се дели на три основни дела. Првиот дел е најмногу 70% и ќе се одмерува во зависност од приходот на фирмата на која ѝ е изречене глобата, а ќе може да биде од 10%, па сè до 70%. Вториот дел од изречената глоба ќе се одмерува до најмногу 20%, во согласност со бројот на вработени, а третиот дел од 10% ќе се внесува во казната само и само ако фирмата има лошо поведение во минатото. Збирот на трите дела ќе ја даде сумата што треба да се плати.

 Што во пракса значи овој закон? Дозволете ми да напишам повеќе едноставни примери. Пример еден: Глоба во иста висина како досегашната ќе плаќаат само фирмите што имаат над 250 вработени (а такви се само 0,3% од фирмите во Македонија), и имаат годишен приход од најмалку 100 милиони денари. Сите други фирми ќе имаат далеку помали глоби.

Пример два: овој пример е најповолен. Ако фирмата на која е изречена глоба има до 9 вработени и остварила приход од најмногу 500 илјади денари, а претходно не била санкционирана, ќе плати само 15% од сумата која претходно, пред донесување на овој закон, требало да ја плати. Односно ако пред три дена била санкционирана ваква фирма со глоба во висина од 500 евра, со примената на овој закон таа глоба ќе биде само 75 евра.

Пример три: Ако фирмата има вработено максимум 49 луѓе, а остварила приход до еден милион денари и претходно не била казнувана, ќе плати глоба во висина од 30% од досегашната сума, односно ако глобата била 500 евра сега ќе треба фирмата да плати само 150 евра.

Пример четири: Ако фирмата има вработени од 50 до 249 луѓе, а остварила приход од максимални шест милиони денари и не била санкционирана претходно, тогаш ќе треба да плати глоба од 55% од досегашната сума. Односно наместо 500 евра глобата би била 275 евра.

 Овој закон, сè на сè, значи драстично намалување на глобите за прекршоците.

Би сакал да потенцирам дека со овие измени на Законот се воведува и можноста за опомена спрема правните лица и трговците поединци, што до сега не беше воопшто присутно во регулативата.

Трите закони кои минатата недела беа донесени претставуваат значајна реформа во своите области, затоа привлекоа толку големо внимание. Државата покажа дека знае да работи во дослух со своите граѓани.

Илија Димовски за Дневник

 

 

 

 

Оцени ја веста

05.08.2015 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега