Македонската економија во третиот квартал порасна 2,4 отсто

Раст на македонската економија од просечни 2,4 отсто во третиот квартал од годинава, објави вчера Државниот завод за статистика. Двигатели на растот се градежништвото, стручни, научни и технички дејности, административните помошни и услужните дејности. Потоа секторот информации и комуникации, како и финалната потрошувачка на домаќинствата која номинално пораснала 5,3 отсто, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 64,1 отсто, се најголеми двигатели на растот.

Податоците покажуваат дека македонската економија во трите тримесечја од годинава забавено расте, со што се остварија стравувањата на бизнисот и експертите дека негативните последици од политичката криза ќе удрат врз домашната економија. Инаку, македонскиот БДП минатата година забележа раст од 3,7 отсто, а последниот квартал лани од 3,9 проценти. Со ова лани македонската економија по раст беше во првата петорка од земјите во ЕУ, која имаше просечен раст од 2 отсто. Сега во првите два квартала годинава бележиме 2 и 2,2 отсто раст и во третиот квартал 2,4 отсто, што е далеку под очекувањата кои владата, НБМ и меѓународните финансиски институции ги проектираа за годинава.

Податоците на Статистика покажуваат дека главен мотор за македонската економија во третиот квартал годинава било градежништвото, кое бележи раст од 10,3 отсто, како и секторот стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности, каде што растот е 10,9 отсто. Неверојатен раст од 5,3 отсто има кај финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата. Нивното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 64,1 отсто за разлика од вториот квартал кога растеше 1,3 отсто.

Статистика соопшти и дека во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми 13,3 отсто, а увозот забележа зголемување во номинален износ од 11,1 отсто.

Според најновите ревидирани прогнози на НБМ, како последици на долгата криза, наместо проектираните 3,5 отсто, годинава ќе имаме раст на економијата од 2,3 отсто.

 
 
10.12.2016 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега