Ризиците ублажени, шанса за бизнисот

Македонија финишира уште една година во политичка криза. По две одложувања во земјава конечно се одржаа предвремените парламентарни избори, со што се отвори можноста да се влезе во помирни води, да се формира влада, бизнисот да функционира во едно многу попредвидливо деловно окружување. Повеќе нема време за губење, политичката криза се прекрши врз економијата, последиците веќе се чувствуваат, пишува Лидер.

-Политичката криза ни покажа дека може да изврши брз и негативен удар врз економијата. Првенствено, каналот се случува преку воздржаноста на инвеститорите, и на странските кои имале намера да дојдат во Македонија и на домашните претпријатија кои планирале да носат позначајни инвестициски одлуки, објасни универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Сепак, Македонија и во една ваква констелација забележа раст на БДП од 2,7% во трите квартали од годинава, што сигнализира дека економијата е жилава, а компаниите се адаптираа на политичкиот амбиент.

„Ако се има предвид дека ревидираната проекција изнесуваше 2,3% од БДП, доаѓаме до еден раст што се наоѓа над тие проекции и покрај објективните пречки што ги имавме. Не треба да се занемарува влијанието што го имаше политичката криза која психолошки влијае врз инвестициите и потрошувачката, а со тоа и врз растот на економија“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Кога се во прашање инвестициите и потрошувачката, и компаниите и граѓаните сакаат стабилни институции и нормализирање на политичкиот амбиент, за да може да се искористат економските потенцијали. Ризиците се уште се присутни.

„Оцените за стабилноста на економските фундаменти остануваат позитивни. Ризиците од домашните политички случуваа се ублажени, но и понатаму присутни. Воедно, и ризиците од глобалното окружување остануваат актуелни. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политики во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент“ – соопшти Централната банка по последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

Очекувањата на бизнисот за новата година

Домашните бизнисмени воопшто не очекуваат дека работите во новата година ќе тргнат мазно, особено што изминативе две години политичка неизвесност беа причина да се загубат дел од странските пазари.

„Го губиме пазарот надвор од Македонија. Се чувствува тоа намалување од 20 до 30% на договорите за 2017 години“ – вели бизнисменот Аце Антевски.

Дел од ризиците доаѓаат однадвор, од земјите од окружувањето кои се соочуваат со економски проблеми, од Европа и „Брегзитот“, од мигрантската криза. Ова се фактори кои можат да ја однесат економијата во непосакуван правец.

„Како работодавци е потребно да бидеме флексибилни, да ги предвидиме работите кои ќе се случуваат и да бидеме чекор понапред“ – вели менаџерката Ирена Јакимоска.

И стопанските комори се претпазливи во оценките.

Стопанската комора на Македонија бара долгорочна стратегија за економски развој, продолжување на капиталните инвестиции, договор меѓу јавниот и приватниот сектор.

„Со договорот ќе се прецизираат правилата на игра меѓу јавниот и приватниот сектор што досега го решававме во секојдневната комуникација. Во државава веќе има сериозен број на странски и на домашните чинители коишто се значаен сегмент за натамошен развој и тие си бараат место под сонцето“ – вели првиот човек на Комората, Бранко Азески.

Од Сојузот на стопански комори велат дека и идната година ќе биде година на предизвици.

„Годината што следи ќе биде турбулентна, бидејќи за бизнис – заедницата се неопходни функционални институции“ – вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Стабилноста предуслов за економски раст

За бизнисмените нема дилема – потребни се стабилни институции, бидејќи продолжувањето на политичката криза неминовно ќе се одрази врз економскиот раст.

„Политичката нестабилност е еден од главните фактори за намалување на стопанскиот раст на која било економија. Тоа се случува и во најразвиените земји, а се случува и кај нас“ – вели претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Од домашните политички случувања и од надворешните случувања ќе зависи дали ќе се остварат проекциите за економски раст в година, за нови работни места и подобар стандард.

Буџетот за в година е тежок 3,3 милијарди евра, скроен е со проекција за раст на БДП од 3%.Од Министерството за финансии објаснија дека буџетот се базира на три постулати: висок износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок. За капитални инвестиции се предвидени 438 милиони евра.

„Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции изминативе години се покажа како добра за повеќе сектори, пред сè за градежништвото и индустријата, затоа од 2009 година наваму континуирано се зголемува износот на капитални инвестиции во буџетот“ – вели Миноски.

Народната банка проектира економски раст од 3,5% во 2017 и 3,7% во 2018 година.

„Наредната година и во 2018-та очекуваме инвестициите и извозот да продолжат да бидат главните носителот на растот“ – изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Светска банка за в година ни прогнозира економски раст од 3,3%, ММФ оди со прогноза за раст од 3,2% раст на БДП, додека ЕБОР прогнозира раст на македонската економија од 3% во 2017 година.

 
 
30.12.2016 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега